Романот „Џејмс“, инспириран од „Хаклбери Фин“ на Твен, добитник на Пулицеровата награда за проза 2025

Персивал Еверет ја освои наградата за проза за својот роман „Џејмс“, моќна преимагинација на Хаклбери Фин , замислена приказна за пријателот на Хак Фин од оригиналното дело на Марк Твен.
Првите сцени се многу слични на она што се случува во оригиналот, но кога двата лика се разделуваат и Џим почнува своја „авантура“, тонот станува посериозен и се истражуваат теми како силување, убиство и расизам. За разлика од „Хаклбери Фин“ каде Џим е опишан како лековерен и по малку глупав, тука тој е скептичен и тајно многу пообразован од повеќето белци. На крајот има и спојлер кој уште повеќе ја комплицира приказната, а се однесува на поврзаноста помеѓу Хак и Џим.
Еверет (1956) е професор по англиски јазик на Универзитетот Јужна Калифорнија, кој себеси се опишува како „патолошки ироничен“ и до сега се има опробано во бројни жанрови, како вестерн фикција, мистерија, трилер, сатира и филозофска проза. Најчеста тема е расата и прашањето на идентитетот.
По објавувањето на романот „Џејмс“ во 2024, Персивал Еверет ги собра речиси сите позначајни книжевни награди во англиското јазично подрачје – Националната награда за проза, наградата Киркус, а беше и финалист за Букеровата.
Оттаму, тоа што книгата вчера (5.5.) го доби и Пулицеровото признание за проза не е големо изненадување.
Друга значајна добитничка беше Ен Телнис, поранешна карикатуристка на „Вашингтон пост“, која поднесе оставка претходно оваа година откако нејзиниот уредник отфрли карикатура што ја создаде за да се потсмева на почитта на медиумските и технолошките лидери кон претседателот Доналд Трамп.
Престижната Пулицерова награда ги одликува американските достигнувања во новинарството, книгите, драмата и музиката.
Годишно се поднесуваат повеќе од 2.500 пријави во 23 категории во процес што трае една година и кулминира напролет. За 15-те награди за новинарство, над 80 почитувани уредници, издавачи, писатели и едукатори ги оценуваат пријавите.
Во понеделник, администраторката на Пулицеровите награди, Марџори Милер, ја започна церемонијата со признавање на тешкотиите за медиумите и издавачите во Соединетите Американски Држави.
„По годините на сериозни финансиски притисоци и отпуштања, среде опасностите од известување за војни и природни катастрофи, новинарите и писателите сега се соочуваат со дополнителни закани во форма на правно вознемирување, забрана на книги и напади врз нивната работа и легитимитет. Овие напори имаат за цел да ја замолчат, критикуваат, уредуваат или препишуваат историјата“, рече Милер.
Таа додаде дека финалистите и победниците од оваа година подразбираат „храбро известување и влијателно раскажување приказни“, како и „автори и композитори кои се залагаат за своите вредности“.
Ројтерс ја освои Пулицеровата награда за истражувачко новинарство за фентанилот