Родителите на загинатите деца во ,,Пулс” стравуваат дека ќе бидат изманипулирани
Родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ стравуваат дека и овој случај може да да заврши како ,,Ласкарци”, Беса транс” и ,,Модуларната болница” и правдата нека да излезе на виделина. На самиот старт на денешното прво рочиште, таткото на загинатиот Андреј Стојанов, посочи дека стравуваат дека ќе бидат изманипулирани.
-На самиот старт на судското рочиште наидуваме на еден голем скептицизам и разработена игра шема на претставници на адвокати и на обвинети кои манипулираат на разни можни начини нашата болка уште да ја продлабочи. Ние сме направени како фигури и бидејќи нашите деца ги нема и нас да не снема на еден начин, така кажано, за да нема ни кој да оди на нивните гробови.
Ме чуди со која свест и кое лице адвокатите на обвинетите се ситат и ќе земат крвави пари и со која гордост ги даваат изјавите дека ова судење ќе трае 15- 20 години. За нас 15 дена или 15 месеци се многу. Веќе одсум месеци поминаа. Сега ние родителите се чувствуваме изманипулирани на еден начин и стравуваме дека нашата ситуација ќе излезе како судењата за Ласкарци, ќе излезе како трагедијата со автобусот во Бугарија, како модуларна болница.
А, кога имавме средби со премиерот, две и со министерот за внатрешни работи исто така две, ни беше кажано дека случајот во Кочани е крајно што може да биде и е врв на сите криминали и лоши настани. И мора да се направи еден рез, зошто ако не се направи тај рез, не треба да не има нас како држава.Е, сега ова е е еден според нас родителите од најважните испити за државата, бидејќи гледаме како минува времето, некако нас не забораваат, истакна таткото на загинатиот Андреј Стојанов.
Инаку, дел од бранителите бараа одложување на денешната главна расправа поради неможност претходно да стапат во контакт со обвинетите, на кои им се бранители по службена должност, додека еден дел од бранителите реагираа на одлуката на Обвинителството двата одделни обвинителни акти да се спојат во едно интегрирано обвинение. Се работи за спојување на обвинението за Александар Нацев кое до овој момент беше одвоено. Бранителот на обвинетиот Крешник Бектеши, адвокатот Еленко Миланов истакна дека Обвинителството го доведува судот во незавидна положба поради спојувањето на обвинението откако Судот ги спои постапките за двете обвиненија.
Бранителите наведоа дека во овој момент спорно е и „редуцирањето“ на листата на сведоци од страна на Обвинителството и дека согласно ЗКП доколку Обвинителството повлекува сведоци истата треба да биде со согласност на одбраната. Бранителите наведоа дека ваквото откажување на докази може да ги повреди правата и на одбраната и на оштетените, бидејќи не се знае колку од првично предложените 282 сведоци се редуцираат.Како што наведоа бранителите, одбраната не бара одлагање на главната расправа поради купување на време, туку поради заштита на правата на обвинетите и оштетените.
Обвинителот објасни дека редуцираната листа на сведоци се однесува на лицата кои починаа по поднесувањето на обвинителниот акт и додаде дека двете одделни обвиненија се претходно веќе оценети и обвинетите имаат увид во истите. Друг обвинител од тимот на обвинители појасни дека сепак не се работи за спојување на обвинителните акти, туку за спојување на постапките.
Покрај обвинетите и бранителите во судницата денес се присутни и семејствата на загинатите, новинари од земјата и од странство, претставници на ОБСЕ, како и претставници на неколку амбасади.