Родителите на Васил со сочувство до семејството на Фросина, адвокатот повикува да престане повикот за линч


Фото: Б. Грданоски

Семејството на обвинетиот Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“, денеска изрази сочувство до нејзиното семејство. Тие, заедно со бранителот на Васил, адвокат Сашко Дуковски, на денешната прес-конференција зборуваа за околностите на настанот, нивното длабоко жалење и демантираа повеќе од наводите изнесени во јавноста.

Според изјавите на родителите, Васил по првата пресуда не консумирал дрога и алкохол, работел со психолог. Вечерта кога се случи несреќата, по подолго време се напил алкохол при отворање на кафуле на негов пријател. Посочија дека не му дале дозвола на Васил да го управува автомобилот без возачка дозвола и дека тој го украл од нив. Негираа каква и да било поврзаност со судијката Даниела Алексовска Стојановска.  

– Ние сме фамилија на која приходите исклучиво им се од плата. Не сме богата фамилија, уште помалку влијателна и немам никаде и кај никого интервенирано за било какво намалување на казните на син ми. Немаме други станови во Скопје. Судијката на случајот воопшто не ја познавав претходно, ја видов во судница. Од аспект на родител не направив ама баш ништо за Васил да поминува неказнет низ системот како што беше кажано. Тоа најодговорно го тврдам, пред Бога и пред вас. Најдлабоко сочувство до семејството на родителите, рече таткото на Васил. 

Рече дека уште од првиот момент кога разбрал за настанот чувствувал потреба да изрази сочувство, но дека имало напади кон возачот и проценил дека во тој момент може само да ја влоши ситуацијата доколку изрази сочувство.  

– Размислував да го направам тоа на самото лице место кога сфатив дека тоа се нејзините родители, но имаше ситуација од нивни блиски, се упатуваа закани кон возачот. Направив проценка дека ако во тој момент пристапам кон родителите најверојатно само ќе ја влошам состојбата, така барем размислував. Тогаш помислив дека е најдобро за неколку дена, но работите отидоа предалеку и немаше простор за лично сочувство, затоа мораме вака јавно да изразиме сочувство, рече таткото на Васил. 

Мајката на Васил се обрати исто така, низ солзи.

„Сакам да изразам најдлабоко, најискрено, најдлабоко мајчинско сочувство особено до мајката на Фросина. Само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка. Загубата е ненадоместлива и непрежалива. Како што кажа сопругот, таа вечер се зацрнија два дома. Бремето од оваа ситуација ќе остане да тежи до крајот на нашите животи, на целото наше семејство. Мислам дека само тој што има дете би требало за миг да може да се стави и во нашата кожа и да претпостави колку е страшно, колку е болно и каков товар е ова. Секој ден се молиме на Бога за семејството на Фросина да има сила да ја издржи оваа загуба и смирение да ја прифати. Како мајка стојам на располагање на другата мајка ако со било што можам на било каков начин да се најдам во овој претежок период. Немам доволно зборови да ја искажам болката и жалењето за се што се случува. Васил по игра на случајот, е наше единствено дете. Имавме друго кое почина на свои 23 часа живо“т, рече Ана Јованова, мајка на осомничениот Васил.

Бранителот на Васил, адвокат Дуковски, демантираше повеќе наводи изнесени во јавноста, како што се брзината на возење во моментот на несреќата и наводните протекции на родителите. Рече дека вешташењето е почнато вчера и повика немсто повици за линч, да се остави институциите да си ја работат работата. 

– Она што ме поттикна и што не можев да поминам преку него е изразувањето на многу ноторни невистини, повик на линч, повик на крв и, наместо воспоставување на право со владење на законите во една демократска и правна држав во една обвинителска и судска постапка, воспоставување или обид за воспоставување на т.н. начело – око за око, заб за заб. Во последниот период видовте низа т.н. експерти кои се нижат за постапката, а постапката не трае ни една недела. Вчера беа донесени првите наредби за сообраќајно техничко вештачење, но јавноста беше индоктринирана со неколку нереални, неточни и насочени кон подигањето на јавниот гнев и повик на линч кон осомничениот Васил Јованов, рече адвокатот.

 Тој демантираше дека Васил избегал од местото каде удрил во Фросина

„Доаѓа до телото и се обидува да ѝ помогне нема бегство. Изразува искрено каење. Се додека сум адвокат нема да се обидуваме да ја намалиме неговата психофизичка пресметливост. Васил е здрав. Не е точно дека се сменил судијата на претходна постапка а јавниот обвинител не дошол на местото за 3 часа, туку за 25 минути. Сообраќајката е во 23 и 50 а обвинител на местото излезе 15 минути по полноќ. Државниот обвинител Љупчо Коцевски излезе од длабока обвинителска хибернација и тврди дека Васил ќе биде во пртивор до крај на постапката. Па каико знае? Дали има договор или други моќи? Би бил среќен кога така ревносно би се занимавал со вештачењето од Германија за модуларната болница во Тетово. А судскиот совет најавува дека ќе ги преиспитува пресудите за Јованов, а каде е да ги испитува за Зоран Милевски Кичеец кој доби 6 месеци а прегази човек со смртни последици. Или предметот на Васил ќе правиме показна вежба? – порача Дуковски.