Ристовски џентлеменски се договорил со Пандев, Лазаров и Иџе да не рекламираат обложувалници


Министерот за спорт, Борко Ристовски, денес на прес-конференција во владата на Република Македонија ја информираше јавноста за повеќе проекти и чекори кои министерството ги презема во изминатите сто денови. 

Најголемо внимание предизвика изјавата во врска со спортистите кои рекламираат казина, спортски обложувалници и брзи кредити, а министерот Ристовски рече дека на оваа тема е постигнат џентлменски договор со најголемите репрезенти на македонскиот спорт. 

„Немаме ништо против било која компанија да финансира клуб или федерација. Но, не сакаме истакнатите спортисти како личности да се истакнуваат во реклами за казина, за кладилници и брзи кредити. Нашата замерка е во таа насока. 

Постигнавме еден џентлменски договор дека Горан Пандев повеќе нема да рекламира спортска кладилница. Игор Стефановски-Иџе исто така повеќе нема да рекламира, а на Кире Лазаров му заврши договорот со компанијата и нема да го продолжи. Мислам дека многу набрзо овие личности ќе ги видите од другата страна, како промовираат вистински вредности“, нагласи Ристовски.