Ристоска: Обвинителите се оставени сами да бидат цел на напади и клевети


Фото: Б. Грданоски

 

Советот на јавни обвинители ги остави обвинителите во државава сами на бришан простор да бидат цел на политички напади. Вака реагира обвинителката ленче Ристоска по денешната одлука на Советот на јавни обвинители да ја отфрли нејзината претставка во која наведува дека премиерот Христијан Мицкоски ја нарече „медиокритет со политичка матрица“. Одлуката да биде отфрлена нејзината претставка беше донесена едногласно.

Во изјава за „Слободен печат“, Ленче Ристоска вели:

„Со оваа одлука, Советот практично остава простор јавни прозивки од обвинети лица или нивни законски застапници, штетни за интегритетот и самостојноста на обвинителите да останат без институционална реакција. Навистина не ми е јасно како квалификации како ‘медиокритет со политичка матрица’ не се ‘конкретизирани’ и не се препознаваат како напад врз интегритетот и самостојноста на обвинител, кој по дефиниција треба да биде професионален и непристрасен“.

Во изјавата таа додава дека оценката на премиерот Мицкоски се однесува на неа, „а доколку Советот имал дилеми во однос на индивидуализацијата на изјавата, можел да го повика изјавувачот да појасни на кого се однесувала неговата изјава. Дополнително, целосно е занемарен и контекстот во кој е дадена изјавата, а кој објективно упатува на притисок врз мојата работа и мојот професионален интегритет“.

Ристоска додава дека предметите во кои се засегнати интересите на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ се единствените предмети кои таа како обвинител ги застапува на суд, а „изјавата доаѓа од претседателот на Владата кој како законски застапник на обвинетата политичка партија има директен процесен интерес од исходот на овие постапки“.

Таа вели дека со претставката сакала да го тестира новиот механизам на Советот, кој се покажал како формален, а не суштински.

„Ова испраќа порака дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со притисоци, навреди и клевети од засегнати страни и центри на моќ“, вели Ристоска за „Слободен печат“.

Советот не го повикал премиерот оти немал дилеми каков став ќе донесе, бидејќи тој воопшто не го споменал името на Ристоска во интервјуто, образложение што го користеше и Владата, откако Ристоска побара извинување од премиерот.