Ристески: Стимулираме отворање нови бизниси, самовработувања, помош на малите и средни претпријатија


На средба со стопанственици од Битола, заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески денеска истакна дека со проекти се стимулира отворање нови бизниси, самовработување, помош на малите и средни претпријатија, а со тоа и развој на нови технологии и нови начини на производство и претприемништво. 

Ристески посочи дека Министерството за економија и труд во соработка со Агенцијата за вработување и УНДП успешно се реализираат проектите од оперативната програма на АВРМ во претходната година, средства обезбедени за реализација на зелената агенда и зелената економија.

-Со оваа програма која почна да се реализира во 2022 година досега ново вработени се околу 400 лица, а ќе има и нови. Во новата програма на Министерството за економија и труд и оперативните планови на Агенцијата за вработување и претприемништво, предвидени се нови  проекти и затоа апелираме до битолските стопанственици и граѓаните активно да ги следат програмите што ќе бидат објавени кон крајот на февруари и во месец март и да се пријавуваат. Нашата цел, рече Ристевски, е развој на економијата, намалување на невработеноста и овозможување на нови работни места за младите кадри во Македонија.

Заменик министерот Ристески  со стопанствениците од Битола разговараше за актуелните проблеми со кои се соочува бизнис секторот во овој град, како и за можностите што се нудат со унгарскиот кредит.

-Ги разгледавме проблемите со кои се соочуваат, ги информираме за нашите активни мерки, како и за унгарскиот кредит кој е со поволни услови. Се надевам дека многу битолски стопанственици ќе го искористат овој кредит и ќе се подготват со проекти за аплицирање. Тука се вклучени и општините со капитални инвестиции, со многу проекти кои значат заживување на градежниот сектор кој придвижува многу услужни дејности значајни за развојот на економијата, нагласи Ристески.