Ристески: Околу 100 млади луѓе од Штип ќе започнат сопствен бизнис

Околу 100 млади лица ќе бидат вработени или ќе започнат сопствен бизнис во Штип, преку оперативниот план за вработување. Ова денеска го најави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, при неговата посета на градот, каде во соработка со локалната самоуправа се одржа презентација на мерките за поддршка на стопанството. Тој од настанот потенцираше дека оваа година ќе биде успешна за градот, бидејќи оваа бројка ќе придонесе подобрување на локалната економија.
-Од податоците што ги имаме од Агенцијата за вработување тука во Штип, бројот на апликации за самовработување е вкупно 93, мерката вработување и раст на субјекти за апликации за 19 места. Да земеме во предвид дека успешна ќе биде оваа година за Штип, бидејќи од оперативниот план ќе бидат вработени некаде од прилика 100 луѓе, претежно до 29 години. Дали ќе отворат нивни фирми или ќе бидат вклопени во постојаните од актуелните мерки, тоа е една добра бројка за подобрување на локалната економија, вели Ристески.
Дека проектите кои општината ги прави влијаат позитивно на бизнисот и развојот на градот, согласен е и градоначалникот на Општина штип, Иван Јорданов.
-Замислената средба е во насока на промоција на мерките кои што ги спроведува Владата и Министерството за економија и во насока на заедничка комуникација за подобрување на состојбите со коишто се соочува реалниот сектор. Ние се надеваме како локална самоуправа дека со проектите кои што ги реализираме влијаеме позитивно на бизниот и развојот на нашиот град, изјави Јорданов.
Инаку, настанот кој се одржи попладнево присуствуваа млади лица до 29 години, кои што имаат визија за сопствени бизниси.