„Риц-Карлтон Москва“ го смени името откако „Мериот“ ја напушти Русија
„Риц-Карлтон Москва“ го менува своето име откако неговата матична компанија, американската угостителска групација „Мериот интернешнел“, се повлече од рускиот пазар поради инвазијата на Украина, објави во понеделникот хотелот со пет ѕвезди.
Луксузниот хотел, кој се наоѓа на неколку чекори од Црвениот плоштад, сега ќе биде познат како „Карлтон Москва“, се вели во соопштението пренесено од државната новинска агенција ТАСС.
„’Риц-Карлтон Москва’ ќе продолжи да работи како независен хотел во согласност со најдобрите практики на меѓународната мрежа и најавува ново име ‘Карлтон Москва’“, се вели во соопштението.
Преименуваниот хотел најави и нова адреса на веб-страница, www.carltonmoscow.com, како и ново лого.
„Мериот интернешнел“, кој поседуваше околу 30 хотели во Русија, ја затвори својата корпоративна канцеларија во Москва и ги прекина дополнителните инвестиции во Русија во март, приклучувајќи се на бранот мултинационални компании кои излегуваат од рускиот пазар поради инвазијата на Кремљ на Украина на 24 февруари.
„Риц-Карлтон Москва“ ги држи отворени вратите од почетокот на инвазијата, при што „Мериот“ изјави дека хотелот е во сопственост на трето лице.
Тоа е еден од неколкуте луксузни хотели во руската престолнина што објавија затишје на посетителите од февруари, според Блумберг, бидејќи западните земји се обидоа да ја изолираат Русија економски преку санкции и забрани за воздушниот простор и ги повикаа своите граѓани да се воздржат од патување таму.
Голем број други меѓународни хотелски синџири, исто така, ја прекинаа работата во Русија од февруари, вклучително и „Интерконтинетал“.