Ревизорите предупредуваат: Да не се присвојуваат компјутерите и мобилните од советниците во општините


Oстварувајќи ја својата улога „чувар на јавните средства” Државниот завод за ревизија, во пресрет на локалните избори им укажа на Советите на општините дека не можат компјутерите и мобилните што им биле на располагање да ги присвојат по зваршувањето на функцијата.

-Државниот завод за ревизија со вршење на ревизии на единиците на локалната самоуправа, во континуитет констатира несоодветно постапување на Советите на општините кои носат одлуки за пренесување на сопственост на преносни компјутери и мобилни телефони (движни ствари) на членовите на Советот без надомест, притоа оштетувајќи го имотот на општината, за остварување на лични цели.

Ваквото постапување не e во согласност со одредбите од Законот за располагање со ствари во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, со член 64 и 66 од Законот за локална самоуправа каде е утврдено дека општината со сопственоста располага како добар домаќин и стварите во сопственост на општината може да се продаваат по пат на електронско јавно наддавање, со цел чување и соодветно користење на имотот на единиците на локалната самоуправа.

Исто така, ваквото постапување не е во согласност со член 54 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси согласно кој секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени. Забрането е средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење.Во овој контекст Државниот завод за ревизија упатува на законито, етичко, одговорно и транспарентно работење од страна на сите службени лица, стои во реакцијата од Државниот завод за ревизија.