Ретроспектива со филмови на Јиржи Менцл во Кинотека од 1 до 11 декември


Кинотеката во соработка со Амбасадата на Чешката Република од 1 до 11 декември организира  рертоспектива со филмови на легендарниот чешки режисер и актер  Јиржи Менцл (1938-2020). Ќе биде отворена со филмот „Строго контролирани возови“, негов дебитантски долгометражен игран филм со кој во 1967 година освои „Оскар“ за најдобар странски филм.

До 11 декември, во термините од 20 часот, во Кинотеката ќе бидат прикажани уште осум наслови на  Менцл: „Стрижено-косено“; „Ластовички на жица“; омнибусот „Бисери на дното“ во кој Менцл е еден од четирите автори; „Снежен фестивал“; „Село мое мало“; „Крајот на старите времиња“; „Прекрасни луѓе со камера“ и „Самотија во шумата“.

-Со должната почит кон дузина автори од чешкиот „нов бран“ – од средината на шеесеттите па сè до крајот на осумдесеттите години од минатиот век – се чини дека филмовите на Јиржи Менцл, чија честа сценаристичка предлошка се литературните дела на Бохумил Храбал, се најдобар пример на тој луциден хумор со кој се рушат тоталитарните бастиони. И тука не се работи само за комунистичкиот режим во Чехословачка….Кај Менцл, таа борба со помош на хуморот можеби не е директно брцнување прст во „окото на тоталитарната власт“, туку потег кој може фигуративно да се опише како потсмешлива иронична интервенција, во стилот на цртање мустаќи или големи уши на иконичните слики на големите диктатори…,Менцл знаел и да склучи пакт со властодршците од тогашниот комунистички режим за да може да снима, во одреден период снимал „неполитички“ филмови, но одново му се враќал на неговиот стил со кој остана препознатлив во чешката и светската кинематографија, наведува Кинотеката во најавата на ретроспективата.

Јиржи Менцл (1938-2020) завршил режија на познатата академија ФАМУ во Прага, кај професорот и режисер Отокар Вавра. По филмот „Строго контролирани возови“, снимен според истоимениот роман на Бохумил Храбал,  почнала плодната соработка со култниот писател. Меѓу другите наслови, Менцл го сними и филмот „Му служев на англискиот крал“, според прозата на Храбал.

Во 1969 го снимил филмот „Птица на жица“, кој беше забранет до 1990. Таа година филмот беше прикажан на Берлиналето и ја доби наградата на филмската критика ФИПРЕСЦИ, а Менцл рамноправно ја сподели главната награда „Злетна мечка“ со Коста Гаврас (за филмот „Музичка кутија“).

Кинематографскиот опус на Менцл содржи 20-ина наградувани наслови. Менцл вторпат бил номиниран за „Оскар“ во 1987 година, за филмот „Село мое мало“, а во 2003 година ја доби и Наградата за посебен придонес во филмот – на фестивалот во Карлови Вари. Глумел во повеќе од 80 филмови, а познат е и по неговите поставки на театарските сцени во Чешка и низ светот.

Во 2000 година Менцл беше гостин на промоцијата на неговата книга преведена и објавена на македонски јазик во Скопје, каде што ја прими наградата за животно дело на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Во 2009-та Менцл беше гостин и на Кинотеката по повод прогласувањето за Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА (сега: Еуропа прима) во Скопје.