Релаксирањето на мерките, не значи релаксирање на личната одговорност, порачува шефицата на СЗО во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Почна олабавувањето на рестриктивните мерки, кои беа воведени со цел да се спречи ширењето на коронавирусот во земјава од почетокот на неделава. Со работа почнаа моловите, спортските обложувалници, автошколите, а преку центрите за едукација за возрасни може да се спроведуваат обуки и семинари. Се отвори Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје, а со работа почнаа и стоматолошките ординации.

Граѓаните беа под психолошки притисок изминатите два месеца од почетокот на епидемијата на Ковид-19, но по олабавување на мерките, кои имаат за цел постепено животот да се врати во нормала, граѓаните барем според она што можеме да го забележиме на улиците, по маркетите, не секогаш се придржуваат до препораките, носење маска, држење физичка дистанца…

Фото: Б. Грданоски

Во сила остануваа задолжителнот носење маски во затворени простории и на отворено доколку не може да се одржи дистанца од два метри, но сепак глетката низ продавниците, маркетите, па и на отворено не е баш таква.

-Ќе биде грешка доколку релаксирањето на рестриктивните мерки на Владата се протолкува како крај на заканата од Ковид-19 и кризата со пандемијата. Релаксирањето се однесува на рестриктивните мерки, но тоа не значи и релаксирање на личната заштита, свесноста и внимателноста. Нешто што може да биде многу полоши и нешто што многу ќе ја чини Северна Македонија е доколу дојде до нагло појавување и зголемување на бројот на случаи со Ковид-19, само неколку дена по олабавувањето на мерките. Да се дојде до ситуација на повторно затворање би било покатастрофално за економијата и за заедницата отколку влијанието на првите рестриктивни мерки, вели за МИА шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавила.

Нагласува дека тоа би било показател оти сите позитивни резултати од последните два месеца со строги рестрикиции ќе паднат во вода и ќе се вратиме од почеток и додава дека властите, чинителите и граѓаните на Северна Македонија не смеат да дозволат тоа да се случи.

Фото: Б. Грданоски

-Мојата главна порака до граѓаните на Северна Македонија е да издржат. Се чини дека се она што го прават дава резултати, не се опуштајте. Запомнете дека справувањето со пандемијата е на долг рок и ситуацијата ќе продолжи да се развива и во следните месеци. Ризикот на повторна појава и ширење на болеста ќе продолжи да постои и ќе треба да биде контролиран преку ригорозна примена на интервенции од јавното здравство додека вирусот циркулира во Северна Македонија и во околните земји, порачува Тавила.

Досега не се пронајдени фармацевтски производи за лекување на Ковид-19, а Тавила потенцира дека конечно развојот и доставувањето на некои безбедни и ефективни вакцини и терапии може да овозможат фазата на транзиција да не вклучува некои од мерките кои се потребни за да се одржува состојбата на низок степен на трансмисија. -Но, допрва треба да го посведочиме ова во непосредна иднина, вели таа.

Одлуката за олабавување на рестрикциите следи по постепеното намалување на новозаболените

Има повеќе причини, поради кои една земја прибегнува кон одлука за олабавување на мерките во борбата против Ковид-19. Сепак најважно е да се следи епидемиолошкиот репродукциски број (Rt), односно ефективниот број на секундарни случаи по еден случај на заразено лице меѓу популацијата. Rt треба да остане под 1 најмалку две недели за да може со сигурност да се каже дека епидемијата е ставена под контрола, а потоа да се прават напори да се одржува тоа ниско ниво.

Шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје во разговор за МИА вели дека одлуката за олабавување на мерките е најохрабрувачкиот исход од колективната борба против вирусот Ковид-19 во Северна Македонија.

-СЗО тесно соработува со Министерството за здравство за да ја следат пандемијата со Ковид-19 во земјата. Одлуката да се олабават рестрикциите следи по постепеното намалување на новозаболени во Северна Македонија со што се дојде до точка каде што е релативно безбедно да се дозволи повторно отворање на стопанските субјекти и до некој степен и интеракција помеѓу луѓето. Постојат многу причини за ваквата одлука, но ние го следиме епидемиолошкиот репродикциски број (Rt), односно ефективниот број на секундарни случаи по еден случај на заразено лице меѓу популацијата. Rt треба да остане под 1 најмалку две недели за да може со сигурност да се каже дека епидемијата е ставена под контрола, а потоа да се прават напори да се одржува тоа ниско ниво, додава таа.

Потенцира дека тоа значи оти претходната стратегија на Министерството за здравство и воведените мерки, како социјално дистанцирање и полицискиот час, како и ригорозните мерки за идентификација, тестирање, следење контакти и задолжително изолирање, се покажаа како успешни да се забави ширењето на вирусот во заедницата. Исто така покажува дека повеќето граѓани ги почитуваа рестриктивните мерки на Владата.

-Олабавувањето на рестрикциите е важно за да се стимулира економијата и општо, благосостојбата на населението. Нам ни е мило што гледаме дека земјата го достигна ова ниво со релативно мал број на смртни случаи, успеа релативно да го исконтролира вирусот и на тој начин да спаси многу животи. Задоволува фактот дека вирусот може да биде потиснат со овие мерки и треба да послужи како мотивација за да се истрае, па дури и повеќе да биде направено. Но, не сме во ситуација да ги повлечеме таргетираните здравствени мерки и подготвеноста на здравството и неговиот капацитет да се бори против заканите од овој вирус. Северна Македонија мора да остане исклучително внимателна, борбата не е завршена, вирусот се уште е меѓу нас и ќе остане уште долго време се додека не се пронајде вакцина која ќе биде достапна за сите, додава Тавила.

Вирусот во моментов не може да се искорени и ризикот од зголемување на бројот на случаи останува.

-Северна Македонија мора со големо внимание да го следи вирусот, да ги одржува и зајакнува здравствените мерки, како тестирање, следење контакти и изолација. Најдоброто сценарио за земјата е да го олабавува здравствените и социјални мерки, односно рестрикциите, полека и постепено врз основа на разумна анализа на ризиците. Начинот тоа да се спроведе е сложен и тие што ги носат одлуките мора да користат деликатна равенка со која ќе се балансира епидемиологијата на болеста, капацитетот на јавното здравство да ја потисне инфекцијата, мотивираноста на заедницата да продожи со мерките за лична заштита и капацитетот на здравствениот систем за да се справи доколу се врати болеста, изјави Тавила за МИА.

Ништо нема да биде како порано

Коронавирусот го смени начинот на живот во светски рамки, враќање назад нема и повеќе од извесно е дека нема да се вратиме на нашите вообичаени рутини како порано. Во олабавувањето на мерките потребно е да се оди постепено и внимателно, будно да се следат состојбите.

Шефицата на канцеларијата на СЗО во земјава вели дека по секој чекор, Владата треба да почека, да го разгледа податоците пред да ја даде оценка за ефективноста на мерките пред да продолжи на следната фаза. Зависи од однесувањето на секој од нас кон кој правец ќе се движи вирусот.

Фото: Б. Грданоски

-Она што можам да кажам е дека во следните месеци, текот на пандемијата во Северна Македонија, сега и во фазите и брановите што следуваат, ќе ја одреди колетивната мудрост, изборите и дејствувањата на луѓето и оние кои носат одлуки. Треба да ја искористиме дадената можност во овој момент со намалувањето на трансмисијата за да продолжиме со идентификување на тоа каде е вирусот, во спротивно ќе има нов пик на болеста и тоа е биде побрзо отколу што ние си мислиме. Секој од нас треба да биде многу внимателен, да го одржува физичко растојание, да си ги мие рацете како и да го следи инструкциите доколку се накашлува. Традиционалните стратегии на јавното здравство, меѓу кои изолирање, тестирање, следење и карантин, се се уште основните мерки за превенција и контрола во фазата на транзиција, додава таа.

Во однос на олабавувањето на мерките не постои пристап кој е соодветен за сите земји. СЗО објавува општи препораки кои сите земји може да ги применуваат. Тие се засновани на докази кои се документирани и анализирани од колективни искуства на експерти, земји, институции и истражувања во врска со пандемијата со Ковид-19.

СЗО препорачува сеопфатен пристап на интервенции, креиран да одговара на сценариото за епидемија во секоја земја каде се вклучени и контекстот, преземените мерки и како тие се прифатени.

Фото: Б. Грданоски

-Земјите треба да се запрашаат три работи пред да ги олеснат рестрикциите. Прво, дали епидемијата е под контрола? Второ, дали здравствениот систем може да се справи со појавата на нови случаи, што може да се случи со олабавувањето на некои мерки? И трето, дали системот на јавното здравство за надгледување може да го детектира и менаџира случаите и нивните контакти и да идентификува повторно појавување на случаи? Овие три прашања може да одредат дали рестрикциите ќе се релаксираат пополека или нема да се релаксираат. СЗО препорачува систематски да се оценуваат критериумите најмалку на неделно ниво, појаснува Тавила во разговор за МИА.

Во Јужна Кореја на пример по релаксирањето на мерките, баровите и клубовите беа повторно затворени откако еден потврден случај доведе до тоа да бидат следени многу контакти. Во кинескиот град Вухан, првиот кластер на случаи по укинувањето на рестрикциите беше идентификуван. Германија исто пријави зголемување на случаите откаки ги олабави мерките. За среќа, трите земји имаат воспоставено системи за да детектира и да одговори на новата појава на случаите.

-Важно е да сфатиме дека поголемиот дел од населението е се уште подложен на вирусот. Се додека не се пронајде вакцина, сеопфатниот пакет на мерки е нашата најефективна алатка за да се справиме со вирусот. СЗО тесно соработува со здравствените власти во Северна Македонија за да се осигура дека здравствените мерки се во сила за да се справи со предизвикот на отстранување на рестрикциите и следните чекори, додава Тавила.

Главниот ризик – луѓето забораваат често и правилно да одржуваат хигиена

Прашањето за носењето маски е предмет на вечни дискусии на социјалните медиуми, а оваа тема, како што посочи Тавила за МИА спаѓа и во интересот на граѓаните и на професионалците.

Всушност, додава таа, СЗО е на истиот став во врска со носењето маски во јавност и само подетално ги појаснува научните аргументи врз кои ја заснова својата позиција.

Фото: Б. Грданоски

-Нашите препораки се засновани на истражувања и докази. Постои литература за оваа тема во врска со грип во здравствени установи. Нема докази во литературата дека носењето маски во заедницата дополнително ги штити тие кои не се болни. Главниот ризик е дека луѓето забораваат соодветно и често да ги мијат рацете. Маските треба само да се користат во пакет со држењето растојание од два метра, лична хигиена на миење раце и бонтон за кашлање. Во работните средини, или надвор на отворени и на затворено, треба да се знае дека маските имаат ограничени заштитни ефекти и доколку не се користат како што треба и не се фрлаат соодветно, тогаш може да зголеми ризикот наспроти придобивките, додава Тавила.

Нагласува дека миењето раце е најефективниот механизам за да се спречи трансмисија, а медицинските маски пред се им се потребни на здравствените работници кои се во првите редови на борбата. Потсетува дека препораката на СЗО е медицински маски да носат луѓето кои се болни, а болните треба да останат дома, како и оние кои се кои се грижат за заболен од Ковид-19.

Обидите да се предвиди иднината на Ковид-19 е како гледање во кристална топка

СЗО предупреди дека Ковид-19 можеби никогаш нема да исчезне. Извршниот директор на програмата за итни случаи во СЗО, д-р Мајк Рајан, изјави дека не може да се направат предвидувања кога светот ќе се справи со вирусот. Значи можеби треба да научиме да живееме со вирусот, да ги смениме стилот на живеење, целосно да се реогранизираме во сите општествени процеси.

-Се согласувам дека обидите да предвиди иднината на КОВИД-19 е како гледање во кристална топка. Засега не може да се знае кога ќе заврши оваа состојба и кога ќе можеме да се вратиме на нашата вообичаена „нормалност“. Се додека луѓето немаат целосен имунитет од вирусот, дали преку вакцина или по природен пат, тие ќе бидат подложни на инфекција и неговото влијание, нагласи Тавила за МИА.

Вели Ковид-19 е беспоштеден и има способност брзо да ги совлада дури и најсилните здравствени системи во Европа и низ целиот свет.

-Ако земјата не е соодветно подготвена и нема соодветни стратегии за одговор што го вклучуваат целото општество и институциите на власта, во текот на целиот период на одговор, доколку здравствените работници не се соодветно обучени, опремени и заштитени, ако вашите граѓани не се информирани и не поседуваат информации засновани на факти, тогаш пандемијата повторно ќе ги разори вашите заедници, стопанство и здравствен систем, земајќи со себе животи и егзистенција. Која е мојата главна порака? Ако не можете да обезбедите критериуми за превенција на јавноста, пред и во текот на олеснувањето на рестрикциите, ве молам размислете повторно, порачува таа.

Додава дека солидарноста е клучна за олеснувањето на рестрикциите и тоа да не доведе до несакани последици, солидарност меѓу здравствените власти и институциите што се клучни за одговор за Ковид-19, заедницата, граѓаните, па дури и меѓу различни политичари без разлика на која партија припаѓаат.

-Верувам дека кога сме соочени со заеднички и страшен непријател каков што е коронавирусот треба да се тргнат настрана несогласувањата, забелешките и личните мислења. Секој чекор на транзиција кон „нова нормала“ мора да биде заснован на начелата на јавно здравје, заедно со економските и општествените аспекти. Заедно подобро учиме и подобро функционираме. Сега е потребна солидарност во земјата повеќе од кога кога. Време е за чекор напред и покажување на подготвеност и одговорност за земјата да ја преброди оваа бура, нагласи шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје.

Таа додаде дека ова е најдобро време за граѓаните да се однесуваат одговорно, да веруваат во дадените насоки поврзани со Ковид -19 и да ги следат истите. Новиот нормален кодекс на однесување во јавност – 2 метри растојание и избегнување на групирања, вели таа, спасува животи и сигурно претставува единствениот појас за спасување на економијата и добробитот на сите нас.

Потребни се значителни инвестиции во менталното здравје

Обединетите нации предупредија дека коронакризата може да предизвика широк спектар на психолошки заболувања и ги повика државите да го вклучат менталното здравје и психосоцијалните проблеми во борбата против Ковид-19.

СЗО работи на ова поле и, како што истакна Тавила за МИА, верува дека се потребни значителни инвестиции во Северна Македонија, како и низ целиот свет, во спречување на кризата на менталното здравје што беше распространета дури и пред кризата со Ковид -19, а сега уште повеќе влошена со влијанието на пандемијата.

Фото: Б. Грданоски

-Задоволство ни е да ги видиме напорите на невладините организации, заедниците и ОН во изминатите два месеци во давањето поддршка на луѓето во неволја како и обезбедување на грижа за луѓето со болести поврзани со менталното здравје. Беа изнајдени иновативни начини како што се телефонски линии, па дури и специјализирани линии за поддршка за помлади возрасни групи, родители, луѓе со попреченост, постари лица и други групи луѓе за обезбедување на услуги поврзани со менталното здравје и иницијативи за зајакнување на психо-социјалната поддршка, изјави Тавила.

Сепак напоменува дека овие услуги треба да продолжат по Ковид-19, едноставно затоа што дури и во редовни околности, потребите поврзани со менталното здравје не се доволно финансирани и адресирани, и покрај големината на проблемот.

-Мораме повеќе да се бориме против стигматизирањето, да инвестираме повеќе во промовирање на превенција и грижа за менталното здравје. Да бидам искрена, Ковид -19 кризата претставуваше лакмус-тест што ги откри веќе постојните општествени нееднаквости и здравствени недостатоци во земјата, вклучително и менталното здравје. Сега е шансата за повторна изградба и ќе покажеме поголема интелегенција ако ја искористиме можноста за подобра изградба. Менталните болести значат страдање на илјадници луѓе во оваа земја, главно оние кои имаат социјални и животни проблеми. На ова е потребно итно да се обрне внимание, додава таа.

Прогнозите се дека коронавирусот, но и социјалните и економските последици од кризата во следните месеци ќе доведат до зголемување на болести поврзани со менталното здравје. ОН пред неколку дена објавија документ со политики за Ковид-19 и ментално здравје кој треба да помогне во справувањето со влијанието на менталното здравје предизвикано од социјална изолација, страв од заразување и губење на членови на семејството, како и маката предизвиката од губење на приход и вработување.

-Постојат докази дека депресијата и растроеноста се во пораст. Овде би сакала да споменам многу други групи од популацијата, деца и адолесценти, родители, злоупотребени жени, кои се во поголем ризик од психолошка болка предизвикана од Ковид-19. Но вработените во болниците не се помалку погодени. Здравствените работници во првите редови, кои се соочуваат со премногу работа, одлуки кои значат живот или смрт, како и ризик од инфекција, се особено засегнати. Исто така видовме и голем број на здравствени работници кои самите се заразени од вирусот, речиси 15 отсто од сите регистрирани случаи во Северна Македонија. Во изминатите два месеци многу здравствени услуги се прекинати, вклучително и оние поврзани со менталното здравје, а од клучно значење е луѓето кои живеат со болести на менталното здравје да имаат континуиран пристап до лекување, додава Тавила.

Менталното здравје мора да се третира како клучен елемент од нашиот одговор во транзицискиот период и опоравувањето од пандемијата на Ковид-19, потенцира Тавила и додава дека тоа значи изработка и финансирање на национални планови што ја пренесуваат грижата надвор од институциите и давање услуги во рамките на заедницата, обезбедување пакети за здравствено покривање на болести поврзани со ментално здравје и изградба на човечки капацитети за обезбедување на квалитетна грижа за менталното здравје и социјална грижа во заедницата.