„Рекет“ ќе донесе ново Пржино


Работните тимови на власта и на опозицијата деновиве повторно ќе седнат на маса во обид да ги доближат ставовите за законот за обвинителството предложен од Владата, кој следниот вторник ќе се најде пред пратениците. Еден ден пред распитот на специјалната обвинителка Катица Јанева, која ќе треба да одговара што знае за случајот „Рекет“, позициите на двете страни остануваат непроменети. Власта остава простор за договор по барањата на ВМРО-ДПМНЕ, но потенцираат оти компромис со криминалот не може да има, алудирајќи на можноста да се затворат случаите на СЈО. Од опозицијата, пак, велат оти нема шанси да прифатат Јанева и останатиот дел од специјалното обвинителство по автоматизам да бидат преселени во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. Неделава ќе продолжат и разговорите за пописот. Информациите се оти тука побрзо и полесно ќе се стигне до заедничко прифатливо решение отколку за законот за обвинителство. Кога е во прашање изборниот модел, тој е последен на листата на приоритети и ќе зависи од тоа како ќе одат преговорите во однос на претходните две теми.

Законот за обвинителство, иако не е услов, е исклучително важен за одлуката за доделување датум за преговори за членство во ЕУ, што се надеваме дека ќе ја добиеме во октомври. Тоа, како и ратификацијата на членството во НАТО, но и фокусот кон економијата која беше запоставена поради надворешните прашања, се трите причини поради кои Владата не сака да оди на предвремени парламентарни избори. Од друга страна, опозицијата најави дека од есен ќе го зголеми притисокот врз Владата, оставајќи ги сите опции отворени, меѓу кои и протестите и блокадите, со задршка оти ќе внимавале да не бидат алиби при евентуално недобивање датум за преговори од Брисел.

Аналитичарите се согласуваат дека предвремени избори во моментов не смеат да бидат приоритет, но нагласуваат оти следните чекори на политичката сцена во земјава ќе зависат од Брисел, но и од разврската за „Рекет“.

„Ако имавме сериозна опозиција, досега сигурно ќе имавме и предвремени избори“, коментира професорот Јове Кекеновски.

Според него, имајќи предвид дека ги трчаме последните метри пред влез во НАТО, и оти чекаме одлука за датум за преговори, избори во моментов не смеат да бидат опција за сите што ѝ мислат добро на државата.

„Но, од друга страна, тоа значи и максимална посветеност на институциите кон решавање на проблемите во општеството. За жал, довербата во тие институции е целосно разнишана и изгубена бидејќи гледаме дека се корумпирани од најниско до највисоко ниво. Во една таква ситуација, треба да ставиме на вага што е подобро. А, тоа, според мене, е прво влез во НАТО и добивање датум за преговори со ЕУ, па потоа избори. Што се однесува до случајот ‘Рекет’, очекувам истрагата да продолжи кон пониските ешалони на партијата на власт и тука да запре, затоа што повисоките ќе бидат заштитени од политиката. Повторно за жал, оваа власт наместо да расчисти со криминалците од времето на нивните претходници, создаде свои. Всушност, излегува дека рекетот од криминалците од поранешната власт го ставале во свој џеб, наместо парите да им бидат вратени на граѓаните. Бројчаникот на Триумфална вртел во приватни џебови“, сликовит е Кекеновски.

Поранешната пратеничка Софија Куновска смета дека аферата „Рекет“ уште на самиот почеток излета од шините на правото и се најде во полето на политичките игри помеѓу власта и опозицијата. Наместо околу неа жестоко да реагираат правосудните органи, аферата сè повеќе служи за маркетинг на политичките партии со што, според неа, се потврдува впечатокот за нефункционалност на институциите во Македонија.

„Тешко дека Владата ќе може да помине без потешки повреди од аферата. На крајот на јуни Владата донесе некаква смешна Декларација за борба против корупцијата и криминалот. Пред неколку дена се формираше некое владино тело за истата цел. Но, никој не одговара на прашањето како тоа претставници на институции со директни надлежности на ова поле кокетираат со декларации и владини тела. Тоа не содејствува со искрена и посветена борба против криминал и корупција. Затоа, веројатно ќе сведочиме на уште една реприза кога од криминален скандал ќе добиеме политички потрес. Тој потрес или криза ќе ги седне партиските лидери на маса за политички договор за повеќе прашања, како што се новиот закон за СЈО, пописот, тајмингот за евентуални предвремени избори, изборниот модел… Со тоа би добиле епилог, виден повеќепати досега кај нас, а невиден за нормалниот демократски свет, во законско решение да стои формулацијата: ‘четирите партии едногласно се договорија’“, коментира Куновска.

Таа анализира дека ваквите состојби ќе бидат алиби кое едвај го чекаат дел од членките на ЕУ, кои и онака се противат на идејата за доделување датум за отпочнување преговори за членство на Македонија во ЕУ. Со тоа, вели Куновска, предвидувањата за датум во октомври стануваат сè понеизвесни, а нашата иднина сè помагловита и покрај болните компромиси што ги направија граѓаните на нашата земја во име на очекуваните посветли перспективи.

„Опозицијата, пак, е приказна за себе. Трагично е тоа што пораката дека семејството на народни партии покажаа јасна дистанца од претходното раководство вмешано во сериозни злоупотреби и корупциски скандали, сè уште не допира до актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Оној ден кога таа порака ќе биде примена, треба да очекуваме дека ќе резултира со конечно прочистување на партијата и нејзино вистинско кадровско, идеолошко и реформско редефинирање. Со вакви политички компромитирани опции ниту едни следни избори не се решение со кое ќе заживеат позитивни промени во нашето општество“, заклучува Куновска.

Горан Адамовски