РЕК „Битола“ иднината ја гледа во јагленот, зелената транзиција ќе почека

Иако во извештајот на глобалната мрежа „Бенквоч“ се вели дека емисиите на сулфур диоксидот се 10 пати поголеми од дозволените, ЕСМ ќе отвора нови рудници


Ископување на јаглен во РЕК „Битола“ (Фото: Ројтерс)

 

БИТОЛА – Рударско-енергетскиот комбинат-РЕК „Битола“ има ново раководство, но останува со старите проблеми и предизвици. Во пресрет на грејната сезона, главниот акцент ќе биде ставен на производството на струја, но со оглед на тоа дека до крајниот производ се доаѓа со откоп и преработка на јаглен, и оваа година извесен е „судирот“ меѓу „кафеавата“ и „зелената“ енергија.

Глобалната мрежа на еколошки навладини организации „Бенквоч“ со седиште во Прага во најновиот извештај повторно посочува на зголемено загадување од јаглен во државите од регионот кое доаѓа од работата на застарените термоцентрали. Во извештајот, еко-активистите предочуваат дека зголемено е загадувањето на воздухот со сулфур диоксид, а над дозволеното ниво се емисиите на прашина и азотни оксиди. Илустрирано со бројки, емисиите на сулфур диоксид во државите од Западен Балкан се 5,7 пати повисоки од дозволеното ниво, со што директно се прекршени правилата за контрола на загадувањето утврдени со Договорот за Енергетска заедница.

Според документ на „Бенквоч“, во Северна Македонија, битолската термоелектрана е најголем загадувач на возухот, а емиисиите на сулфур диоксид се 10 пати поголеми од дозволениот лимит, со што директно и штетно се влијае врз здравјето на населението.

Со документот запознати се и во ЕСМ од каде за МИА информираа дека остануваат посветени на развојот на енергетскиот потенцијал преку проекти кои се дел од процесот на декарбонизација, без притоа да наведат детали.

„Зелената транзиција на која компанијата посветено работи, а која е дел од Националната стратегија за енергетика, предвидува сериозни инвестиции во капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. На долг рок, очекуваните ефекти ќе се одразат не само врз зголеменото и стабилно производство на електрична енергија, туку и во областа на заштитата на животната средина. Притоа, зелената транзиција мора да биде и праведна транзиција, односно одржливиот енергетски развој нема да ги стави само во оптимален капацитет енергетските ресурси, туку и ќе креира работни места во секторот на зелената економија“, велат од ЕСМ.

Според извештајот за работата на АД ЕСМ за 2022 година, од македонските рудници „Суводол“, „Осломеј“ и „Брод-Гнеотино“ ископани се 5 милиони тони јаглен, а заради потребата од поголемо производство вршена е и дополнителна набавка на јаглен.

Во трката за што повеќе количини јаглен, се чини Сонцето останува во сенка, односно обновливите извори на енергија како единствен патоказ и виза за работа на производствените капацитите за кои сугерира меѓународната еко-заедница. Во извештајот на „Бенквоч“ се нагласува дека Северна Македонија треба да го забрза преминот кон обновливи извори на енергија, и наместо во нови јагленокопи, да се фокусира на технолошки решенија коишто ќе го намалат загадувањето.

Во реалниот живот ситуацијата е поинаква. Во Пелагонија ќе се продолжи со експлоатација на минералната суровина  јаглен на локалитетот Брод-Гнеотино за што е изработена студија за оправданост, изработен е главен рударски проект за отворање и експлоатација на јаглен од Живојно, а има активности и за детални геолошки истражни работи во наоѓалиштата за јаглен Дедебалци кај Новаци и Гуштерица – Осломеј, но и во Мариово. Дел од изборната програма на владејачката партија се продолжување на животниот век на термоелектричните централи во РЕК „Битола“ преку отворање на новите рудници Живојно и Мариово, и двата со можност за површинска експлоатација од околу два милиони тони јаглен годишно со цел да продолжи експлоатациониот век на РЕК „Битола“.

Во ЕСМ се свесни дека транзицијата е скапа, но ако доцни ќе биде уште поскапа. Примерите за енергетска транзиција врзани за ТЕЦ „Осломеј“ каде е изградена фотонапонска електрана, желбата за зелена енергија и декарбонизација, како и повременото засадување на дрвца и понатаму се недоволен придонес во заштитата на животната средина.

Во мисијата на ЕСМ е нагласена определбата за сведување на минимум на штетните влијанија од производствените капацитети врз животната средина, но мерките и напорите, барем според „Бенкво“, не даваат резултати.

Во меѓувреме, во земјава и државите од регионот продолжува користењето на старите електрани на јаглен затоа што врз компаниите никој не предвидел санкции. И во извештајот на Бенквоч се нагласува дека Секретаријатот на Енергетската заедница покренал неколку случаи за прекршување на одредбите од Договорот, но засега ниту една од постројките на јаглен не е санкционирана, ниту постојат јасни ажурирани и реални планови за нивно затворање или услогласување со еколошките стандарди. (МИА)