Реџепи: Владата се насочила против ИВЗ


Ријасетот на Исламската верска заедница ја заврши седницата што ја одржа вечерва во Кондово. Актуелниот поглавар на ИВЗ Сулејман Реџепи по завршување на седницата рече дека исламската заедница е силно огорчена од овој скандал кој, како што оцени, не е случен ад хок.

-Ваков скандал не паметам во исламската заедница. Ова е незапамтено и незаборавено, рече Реџепи и додаде дека тој го лоцира проблемот во Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, односно нејзините раководни лица.

-Нема да го признаеме никогаш директорот на Комисијата Дарјан Сотировски, кој е учесник во ова. Цело време ме замолуваа да го прифатам дека ќе биде добар, бидејќи за да биде на оваа функција треба да биде прифатен од сите, но такви не се грижат за исламот. Бараме да си замине и неговиот заменик Албанец, кој нема глас и е слеп, нема сенс, рече Реџепи.

Праша зошто им се овозможува на другите верски заедници тивко и спокојно да работат, да имаат солидни околности и зашто Владата и државните органи се насочени против исламската верска заедница.

Според Реџепи политиката е таа која засадува омраза меѓу верските заедници.

Порача дека чашата ќе се прелее доколку се посегне по Али пашината џамија.

Одговорајќи на новинарско прашање посочи дека Скендер Буџаку е отпадник од Исламската верска заедница, дури и од исламската заедница, а за судската одлука ја оцени дека судот се впуштил во една невидена авантура.

Обидот за смена на Сулејман Реџепи успеди по судска одлука со која се прифаќа барањето на една од двете спротивставени групи за нов поглавар да биде назначен Скендер Бузаку.

Попладнето и приврзаниците на Реџепи и приврзаниците на Бузаку беа во просториите на ИВЗ, а пред новинарите Бузаку изјави дека тој е новиот погалвар.

Мухамед Вејсели од ИВЗ, пак истакна дека Сулејман Реџепи и натаму ќе раководи со ИВЗ се додека ја има довербата од Ријасетот.