Скендер Реџепи: Се надеваме дека до 24 часот ќе ја урнеме оваа власт


Тој што ќе те предаде еднаш, ќе те предаде секој пат, порача пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, откако новинарите го запрашаа дали го оправдува преоѓањето на Кастриот Реџепи од Беса на страната на власта.

„Никако не го оправдувам. Последен пат со Кастриот Реџепи имав комуникација пред четири години кога се раздвоив од Беса“, рече Реџепи, кој беше еден од ретките што се појави пред новинарите за време на втората пауза.

Тој навести дека политичката драма ќе трае до 24 часот вечерва, бидејќи опозицијата што бараше гласање сѐ уште се надева дека може да постигне нешто, или како што рече Реџепи „било што“.

„Ќе чекаме до 24 часот, рокот е тој. Имаме надеж дека може да се направи било што“, рече Реџепи.

Запрашан дали, ако им понуди СДСМ на пратениците од Алтернатива да се приклучат на нивното мнозинство тие би прифатиле, тој одговори дека тие се опозиција и сѐ додека го имаат тој статус битката ќе ја водат како опозиција, а во иднина ако има некоја друга понуда ќе ја разгледуваат партиските органи.

„Сега целта е до 24 часот да ја срушиме оваа власт“, рече Реџепи.

Лидерот на Беса, Билал Касами, кој итно дојде во парламентот, рече дека неговата партија и натаму стои зад ставот да падне овој, според него, режим. Тој изрази сомнеж дека Кастриот Реџепи по своја волја отсуствува на седницата и дека не го слушнал од вчера. Тој тврдеше дека најмногу се загрижени за здравјето на пратеникот, бидејќи веруваат дека се држи некаде присилно. 

Билал Касами мисли дека неговиот сопартиев кастриот Реџепи е задржан против својата волја за да не дојде во Собранието (Фото: Б. Грданоски)

„Беса опстојува на ставот дека треба да падне режимот. Последните случувања со Кастриот Реџепи покажуваат дека оваа власт е подготвена на сѐ за да остане на сегашните позиции. Сѐ додека немам јасна слика и глас за пратеникот, за неговиот став, се сомневам дека против негова волја изјавил дека не може да дојде во Собранието и да ја изрази својата политичка волја. Денес го немам контактирано и немам информација каде се наоѓа. Вчера го слушнав за последен пат и целиот амбиент беше во рамките на позициите на партијата. Сѐ додека не излезе и не каже дека овој став е негов и дека нема некоја присилба, јас како човек и како претседател на партијата се сомневам дека се држи некаде против своја волја и не може да дојде во Собранието“, рече Касами. На прашањето што ако се потврди дека доброволно им сврте грб, тој рече дека дополнително ќе расправаат. 

Меѓу новинарите се шпекулира дека е можно вечерва, по полноќ, СДСМ да се обиде да го зацементира мнозинството и, место да и изгласаат недоверба на нивната влада, да се случи обратното.

Ако до 24 часот нема гласање, ќе се смета дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ пропаднала и наредните три месеци не ќе можат да покренат нова. Во Собранието се лидерите на клучните политички партии, а внатре влезе и Петре Шилегов, но не се знае што се случува зад затворените врати. (С.Ј.)