Реџепи: Самоволно се засолнив, за земјата да не ни отиде во спротивен правец


Фото: Б. Грданоски

Пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи, денеска во Собранието ги објасни причините зошто во четвртокто не се појави на гласањето доверба на Владата, поради што пропадна и иницијативата оти немаше кворум.

– Мирен сум, со чиста совест и сигурен дека нема поголема вредност од тоа да избереш својата земја да ја носиш на патот на слободата, демократијата и заедништвото, рече пратеникот Кастриот Реџепи, во своето прво појавување во Собранието.

Тој појасни дека во четвртокот самостојно се засолни, не кажувајќи за тоа ни на најблиските членови од семејството, затоа што знаел оти ако дојде на расправата ќе ги изнесе своите погледи, и ќе биде цел на вербални напади, а можно и на физички. 

Смета дека земјата не ни е скандинавска и дека со Устав гарантираното право на секој пратеник да гласа по сопствено убедување не е до крај обезбедено.

– За да нема какви било сомнежи, трачеви и шпекулациии и спинови, јас, Кастриот Реџепи, сојузник на своите сограѓани, и на Албанците и на Македонците, и на сите кои имаат поглед напред, стратешки сојузник на САД, во интерес на мојата земја, РС Македонија и во интерес на сопствениот народ, самоволно и одлучно се засолнив на денот на гласањето недоверба на владата, со цел да не дозволам на бранот на локалните избори земјата да ни отиде во правец спротивен на моите идеолошки убедувања – рече Реџепи.

Во четвртокот, лидерот на Беса прво го пријави Реџепи како исчезнат во полиција, а ден подоцна го исклучи од партијата.