Реакција: Новиот закон не го штити Охридското езеро туку отвара простор да се деградира
Здружението Фронт 21/42 бара од пратениците и Министерството за животна средина доследно да ги спроведат препораките на Бернската конвенција и да постапат во согласност со Уставот на Македонија откако во Собранието помина првото читање на законите за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата и Студенчишко Блато за парк на природата,
„Со целосно и свесно игнорирање на меѓународното право и спротивно на Уставот, во Собранието продолжи процесот на усвојување на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата. Првото читање помина без никаква забелешка, при што Законодавно-правната комисија констатираше дека тие се усогласени со Уставот и прифатливи за натамошните процедури“, велат од Фронт21/42.
Тие појаснуваат зошто законите претставуваат кршење на меѓународното право.
„Во декември 2021, Бернската конвенција отвори случај за заканите кон Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, а по посетата на терен во декември 2023 ја усвои Препораката 221, во која се бара суштински да се изменат мерките за заштита пред да се усвојат законите за Охридско Езеро и за Студенчишко Блато. Конкретно, се бара ревизија на зонирањето и на дозволените активности, обезбедување врска меѓу Езерото и Блатото и формирање заштитна зона за Студенчишко Блато, која ќе ја покрива областа на Горица Север, каде што не би биле дозволени никакви градежни и земјоделски активности. И Рамсарската конвенција изрази загриженост поради непостоењето на заштитна зона околу Блатото. Во април годинава, Бирото на Бернската конвенција со писмо ја опомена државата дека има меѓународни обврски кон конвенцијата. Неспроведување на Бернската конвенција значи неспроведување на член 118 од Уставот, кој кажува дека меѓународното право е над националното законодавство“, велат од Фронт 21/42.
„Законот за Охридско Езеро практично ја остава заштитата на брегот на предвидениот Урбанистички план од државно значење за крајбрежјето, не овозможува врска меѓу езерото и блатото, дозволува пловни објекти на 88,1% од територијата на езерото и за управувачко тело го назначува ЈП ‘Колекторски системи, кое нема капацитет за тоа. Законот за Студенчишко Блато, меѓу другото, овозможува да се реализира предвидената урбанизација во неговата непосредна и поширока околина и за управувачко тело ја поставува Општина Охрид“.
Фронт 21/42 вели дека во јули годинава детектирале 82 конструкции од различен вид во самото езеро.
„Доколку помине законот нема да има никакви законски пречки за ваков тип интервенции. Пловните објекти се дефинирани како висока закана за Охридското Езеро, но законот ги дозволува на 88,1% од територијата на Езерото. Во јули 2024 забележавме видливо поголем број пловила од минатите години“, кажаа од здружението.
Во услови кога Студенчишко Блато нема заштитна зона, новиот закон ќе овозможи да се спроведе предвидената урбанизација во Горица Север.
„Бернската конвенција бара целосна забрана на градби во Блатото. Во јули 2024 имаше шест дивоградби во самото Студенчишко Блато, додека е под привремена заштита од градби. За две од нив поднесовме иницијатива за инспекција уште во април 2023, која потврди дека се бесправно изградени и постави рок за рушење. Една година подоцна, исходот од инспекцијата е шест дивоградби и основи за уште две“, кажаа од Фронт 21/42.