Разузнавачите во АНБ допрва на полиграф и тест за интегритет

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски тврди дека сè е чисто како солза при селекцијата на кандидатите за новата Агенција за национална безбедност, како реформирано тело од Управата за безбедност и контраразузнавање, која замина во историјата.

Тој категорично ги отфрла обвинувањата на опозицијата дека процесот бил компромитиран од почеток и дека, наводно, се основал на субјективни па дури и политички критериуми. Сепак, признава дека при селекцијата на кандидатите не бил спроведен тестот за интегритет, ниту предвидениот полиграфски тест. Причините биле од техничка природа – немало време. Тие два теста било одлучено да се направат во наредниот период по формирањето на АНБ.

Процесот на селекција се одвивал во две етапи. Првата завршила на 30 август, кога била селектирана потребната бројка вработени, а дополнително останала бројка од околу 10-ина проценти, за кои Комисијата оценила дека се потребни дополнителни проверки.

„Во работењето на Комисијата беше констатирано дека постојат тешкотии две одредби од Законот целосно и навремено да се имплементираат. Првата се однесува за спроведување на тестот за интегритет, а втората за спроведување на полиграфското тестирање. Со оглед на практичната неможност овие одредби да се имплементираат, а тие се и дел од редовното работење на АНБ, Комисијата донесе одлука да препорача раководството на АНБ имплементацијата на овие активности да ја има како приоритетна задача во наредниот период“, информира директорот на АНБ, Димовски.

За сите примени кандидати се направила позитивна листа која едногласно е усвоена и потпишана од собраниската комисија која го вршеше набљудувањето и приемот на кандидатите. Сè минало без проблем. Потпис ставил и Трајчо Димов, кој подоцна си поднесе оставка од Комисијата за селекција. Проблемите и вревата во јавноста се јавиле кога се направиле дополнителни проверки за одредени лица кои на крајот не успеале да го минат филтерот. Дел од нив, според информациите, немале безбедносни сертификати, кај дел е утврден и судир на интереси.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димов го извести преку писмо премиерот Зоран Заев дека изборот на кадри кои од расформираната УБК ќе преминат во новата АНБ бил спротивен на законските процедурите. Димков тврди дека од неразјаснети причини не се реализирал тестот за интегритет кој требало да се спроведе согласно законот за АНБ, ниту се постапило согласно информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето.

„Сугерирав и за време на самиот процес за проблемите при селекцијата на кандидатите. Дел од законските обврски не се испочитувани. Притоа сугерирав и за одредени размислувања за лица кои мислев дека треба да влезат во АНБ со оглед на нивното искуство, долг стаж и извршувањето на функцијата началник. Не навлегував во нивната евентуална партиска определба“, изјави Димов, кој присуствуваше на вчерашната седница на Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање на која директорот на АНБ, Виктор Димовски, реферираше за приемот на работници од УБК. За кадровските промени излагање имаше и Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за разузнавање. Седницата се одвиваше зад затворени врати и траеше речиси четири часа. Информациите за кои станало збор биле класифицирани, па јавноста остана куса за деталите од разговорите.

Подоцна во изјава во прес-ценатрот во Владата, Димовски, рече дека не е воопшто загрижен поради обвинувањата, дури, како што нагласи, се чувствувал и радосен.

„По сè можам да кажам дека имаме успех. Реакциите од групи и поединци се доказ дека сме имале вистински пристап во реализацијата на поставената задача. Проверките ги вршеа припадници на бившата УБК, а Комисијата оцени дека се било направено согласно законската и подзаконската регулатива. И Димов беше присутен на сите одлуки што ги носеше Комисијата, потпишан е на оваа листа на селектирани кандидати, а неговата оценка веројатно е мотивирана од политички причини, тој си ги знае аргументите. Меѓутоа, добро е да знаете дека таа оставка е дадена по одржувањето на последната седница на Комисијата за селекција“, рече Димовски кој нагласи дека главната определба била да не се работи како што се работело досега, односно да не се зачистува само на површината, туку суштински да се навлезе во проблемот и да се направи вистинска реформа.

Прашан дали на објавениот конкурс се пријавиле обвинети во постапки водени од СЈО или осомничени за вмешаност во настаните од 27 април во Собранието, директорот на АНБ одговори дека во процесот на селекција немало пријавено кандидати против кои се води постапка во надлежните обвинителски органи.

При селекцијата на кандидатите не се правеле отстапки за никого, освен за малцинските групи со цел да се запази правичната застапеност. Поради класифицираните информации точната бројка на вработени во АНБ не се кажува, не се соопштуваат ниту нивните имиња, ниту позициите на кои ќе бидат поставени. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, информираше дека за околу 50 вработени од поранешната УБК бил утврден т.н. безбедносен ризик за работење во безбедносните служби и тие ќе мора да го напуштат МВР. Спасовски тврди дека тие службеници би се распределиле во други државни институции врз основ на нивната стручност. Засега не е направена систематизација за нивната прераспределба. (Н.К.)