Владата го разреши раководството на фабриката „Колска“


 

Владата на денешната 90-та седница ги разреши управителот и членовите на Надзорниот одбор на фабриката за шински возила „Велес“, ДООЕЛ – Велес, позната под називот Колска.

Како што информираат од владината прес-служба, на седницата е констатирано дека раководството на фабриката покажало негативни финансиски резултати во работењето и покрај тоа што на овој субјект е доделена финансиска поддршка од страна на Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски попладнево на прес-конференција во Владата соопшти дека поради неиспорачување на резултати побарал директорот и менаџерскиот тим на фабриката да бидат разрешени.

– Како Влада во изминатиот период имаме доделено 35 милиони денари на тоа јавно претпријатие. Финансиските средства се истрошени, работниците немаат плата. Кога ги видовме извештаите дали е намален долгот во изминатиот период, дали е зголемено производството и услугата што тие ја даваат, дали се намалени трошоците, видовме дека не се. И затоа предложив на Влада, веднаш да бидат разрешени директорот и целиот менаџерски тим, надзорниот и управниот одбор. Со оглед на тоа дека излегов од седница на Влада за да ја одржиме оваа прес-конференција, доколку е завршена, претпоставувам дека тие се разрешени и дека таму ќе има нов менаџерски тим, рече Ковачевски.

Вработените од „Колска“ денеска протестираа пред Владата барајќи решавање на нивните проблеми. Вчера тие два часа го блокираа и патниот железнички сообраќај на железничката станица во Велес. Сметката на „Колска“ е блокирана поради заостанат долг од околу 650 илјади евра направен во периодот од 2013 до 2017 година.