Разрешениот директор на ЗОО Скопје смета дека не е „убиец“ на животни, ќе докажува дека е невин


Кристијан Стаменов, директорот на ЗОО Скопје, кој вчера по скандалот со закланите коњи беше разрешен од функција, денеска на прес-конференција рече дека не е убиец и ќе ја докаже својата невиност пред институциите.

-Постапката е одраз на правилно спроведување на заштитата на животните. Запазени се сите законски процедури – изјави тој, додавајќи дека и во минатото имало слични настани. – Во Зоолошката градина работам повеќе од 12 години како самостоен зоо негувател, остро ги демантирам наводите во јавноста дека сум некаков „убиец“ на животни.

Според него, колењето на коњите е економско искористување на животните, кои во консултација со стручни лица се со рани, болни, изнемоштени и пред умирање, и не можат да бидат рехабилитирани. За закланите коњи, појасни дека ги добиле од КПД Идризово, а истите биле одземени од дрвокрадци.

– Наспроти сите јавни пишувања на поединци морам да истакна дека ова не е прв случај, вакви случаи во минатото се бројни лично сум учествувал како зоо негувател во ваква постапка и во времето на претходниот директор на Зоолошката градина. Крајно лицемерна е осудата која доаѓа кон мене токму од истите лица кои ова економско искористување го имаат и самите правено и тоа не само на коњи, туку и на останати животни, пример за тоа е жирафата која е дадена како храна за лавовите, вели Стаменов.

Смета дека од самиот почеток на неговото назначување за в.д директор на зоолошката градина бил мета на разни напади, физички пресметки, закани, притисоци и опструкции, а фамата која се крена околу овој случај ја оценува како злоупотреба на постапката за хуман третман која ја спроведува со години истава институција, а вклучително и секој директор на истата.

– Јас мојата невиност ќе ја докажам пред институциите, и секогаш ќе имам неизмерна љубов кон сите животни, вели Стаменов.