Разрешен директорот на „Водовод“ поради самоволие при избор на изведувач за пречистителната станица

Пречистителната станица во Скопје, треба да ги чисти водите кои се влеват во Вардар, а овој важен проект треба да го поддржи јавното здравје, да овозможи почисти реки и подобри услови за живот за околу 500.000 луѓе.


Фото: Б. Богдановска

Град Скопје го разреши Златко Перински, в.д директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер.

Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица.

Перински е разрешен во петокот на 09.09.2022 година.

Од истата причина, во петокот разрешен од функција бил и секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски.

„Од функцијата Секретар на град Скопје, во петокот разрешен Ѓоко Велковски, а причина за разрешувањето е неговото влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ“, соопшти Град Скопје.

Инаку,  директорот на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Златко Перински заедно со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, претставници на ЕБОР, на Инвестиционата рамка за Западен Балкан во Македонија и на ЕИБ за Западен Балкан, пред извесно време го најавија отворањето на понудите за изградба на Пречистителната станица – Скопје.

Европската комисија го одобри инвестицискиот грант во висина од 69,8 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) како дел од Економскиот Инвестициски план на ЕУ и зелената Агенда. 

Дополнително, за реализација на овој проект, Собранието донесе Закон за задолжување кон ЕБОР во висина од 68 милиони евра, во декември 2021 година.

„Процесот на отворање на понудите и неговата етапна реализација ќе значи гаранција за доследно реализирање на инвестицискиот циклус со проценета вредност од 136 милиони евра што е и една од најголемите инвестиции за градот Скопје воопшто. Со изградбата на пречистителната станица, ние како држава ќе имаме над 90% прочистени води, што е еден од критериумите кои треба да се исполнат при отворање на преговорите со ЕУ. Со проектот ќе се зголеми и отпорноста на Скопје на климатските промени преку зајакнување на градскиот систем за третман на отпадни води“, рече тогаш Перински.

Градоначалничката Арсовска сметаше дека изградбата на оваа пречистителна станица е најголем еколошко-капитален проект за Скопје и скопјани, додавајќи дека на овој начин конечно ќе се овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите.

„Со изградба на оваа пречистителната станица за третман на отпадни води, Скопје конечно ја добива можноста да се развива во еколошка метропола која се грижи за животната средина и за скопјани“, рече Арсовска.

Директорот на претставништвото на ЕИБ за Западен Балкан, Алесандро Брагонци, го истакна своето задоволство од насоката по која се движи овој важен проект, кој ќе го поддржи јавното здравје, почисти реки и подобри услови за живот за околу 500.000 луѓе.

Инаку, откако ќе се избере изведувачот на скопската пречистителна станица, целокупната постапка на изградба треба да се заврши во рок од 72 месеци. Од нив, 36 месеци се предвидени за проектирање и изградба на огромниот објект што ќе се наоѓа покрај реката Вардар, во близина на населеното место Трубарево. Уште 24 месеци се предвидени за пробна операција, како и дополнителни 12 месеци за отстранување на евентуалните дефекти на капиталниот објект.

Од 12 конзорциуми кои учествуваа во изборот, во втората фаза поднесени беа две понуди од кои ќе се избере една компанија која ќе работи на изградба на станицата по процесот на техничка и финансиска евалуација.