Растот на германскиот БДП во третиот квартал е помал од првичната проценка


Германскиот бруто домашен производ (БДП) порасна во третиот квартал за 0,1 отсто во однос на вториот, покажуваат конечните податоци што денеска ги објави Државниот завод за статистика.

Ова е за 0,1 процентен поен помалку од првичната проценка и дополнителен проблем за најсилната европска економија, пренесува француската новинска агенција АФП.

Германската економија во третиот квартал беше погодена од пад на извозот од 1,9 отсто во однос на претходниот квартал, а намален е и обемот на инвестициите. Понатамошно влошување на состојбата беше спречено со растот на личната потрошувачка од 0,3%.

Економистот на ИНГ Карстен Брзески за АФП изјави дека растот на БДП од 0,1 отсто треба да се гледа како потврда дека германската економија стагнира. „Иако германската економија избегна летна рецесија, таа се соочува со зимска рецесија“, додаде тој.

Во последните месеци Германија се соочува со низа загрижувачки бројки кои навестуваат проблеми за нејзината економија. Главна причина е забавувањето на производството во преработувачката индустрија, кое најмногу поради падот на нарачките од странство не може да најде поттик за раст. Според аналитичарите, за тешката ситуација најдобро говорат проблемите на автомобилскиот гигант Фолксваген, кој најавува затворање фабрики и масовни отпуштања.