Растот на БДП во првиот квартал е 3 отсто, најмногу придонесе градежништвото
Ако сакаме да имаме нешто поголем раст и тој да се почувствува, ние ќе мора да книжиме раст кој што ќе биде помеѓу 4 и 6 проценти на подолг рок. И тоа се стремиме како Влада да го направиме, изјави Мицкоски

Растот на домашниот бруто-производ во првиот квартал годинава изнесуваше 3 отсто, соопшти денес Државниот завод за статистика. Од стопанските гранки најголем пораст забележаа градежништвото од 7,1 отсто, а повисока стапка на раст имаше и преработувачката индустрија од 3,7 отсто, покажуваат податоците на ДЗС. Според трошочниот метод, бруто инвестициите забележаа реален раст од 18 отсто, финалната потрошувачка од 1,9 отсто, увозот 5,8 отсто, а извозот на стоки и услуги скромни 1,2 отсто.
Ова е инаку, трет квартал по ред како македонската економија бележи позитивни стапки на раст од три или повеќе отсто. Тоа беше и повод за прес конференција на премиерот Христијан Мицкоски, кој не го криеше задоволството од статистичките показатели, иако вчера беше пооптимистечн велејќи дека очекува растот на БДП да биде меѓу три и четири отсто.
„Денес сакам да ве уверам дека бројките што ги објавуваме не се само статистика, тие се огледало на промената што веќе се чувствува“, изјави Мицкоски на прес конференција во Владата.
Тој посочи дека според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, во првиот квартал на 2025 година, реалниот раст на Бруто домашниот производ откако е избрана оваа Влада, трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти, а прилагодениот согласно сезонските и календарските податоци е 3,2% тоа е бројката којашто ја објавува „Евростат“.
„Со тоа, практично на досега објавените параметри коишто ги објавил ‘Евростат’, македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш позади Ирска, Данска и Полска“, нагласи Мицкоски додавајќи дека ова не е случајност, туку е „резултат на храброст, визија и многу работа“.
Мицкоски додаде дека стапката на раст е многу сериозен сигнал дека реформите даваат резултати, имајќи предвид дека станува збор за првиот квартал од годината којшто секогаш е најслаб и најпредизвикувачки.
Тој нагласи дека доколку сакаме до 2030 да бидеме уште повисоко на европската економска скала, мора да го одржуваме просекот којшто ќе биде поголем од 4 отст, но предупреди дека тоа не зависи само од нашите внатрешни параметри, туку и од екстерните фактори.
„Имајќи предвид дека просекот во рамките на ЕУ е 1,4 отсто, тогаш можеме да кажеме дека ние сме 2 ипол пати над тој просек, а во еврозоната е 1,2 отсто“, рече Мицкоски, илустрирајќи го ова и со некои податоци кои рече дека „можеби ќе бидат интересни“.
„Да речеме Белгија е 1,1 отсто, Германија е 0 отсто, Естонија е 0,1 отсто, Франција 0,6 отсто, Италија е 0,7 отсто, Латвија е -0,3 отсто, Унгарија е -0,4 отсто, Австрија е -0,7 отсто, Романија е 0,5 отсто, Словенија е -0,8 отсто, Словачка е 1 отсто, Финска е 0,8 отсто, соседна Србија во првиот квартал е 2 отсто итн“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека целта на Владата била да ги реши „дупките во продуктивноста и вработувањето“, но, она што е важно дека покажале дека државата конечно функционира.
„Ова е само почетокот“, изјави Мицкоски.
Запрашан од новинарите за дисбалансот меѓу растот на увозот и на извозот, како и потребата од зголемување на инвестициите, имајќи во предвид дека реализацијата на капитални инвестиции е под 21 отсто, тој рече дека се согласува дека е потребен поголем извоз од увоз.
„Но, ако се вратаите наназад неколку квартали ќе видите дека таа разлика е намалена три пати, помеѓу увозот и извозот, и конечно извозот бележи позитивна стапка. Ако се вратите назад по квартали ќе видите дека извозот опаѓа, за разлика од овој квартал кога конечно се стабилизира, и покрај тоа што имаме силен предизвик, а тоа е автомобилската индустрија и кризата која што ја има зафатено автомобилската индустрија. Години наназад, би рекол децении наназад, нашиот извоз и привлекувањето странски инвестиции генерално се темелеше на тоа портфолио, производство на производи кои што се вградуваат во автомобилската индустрија. Сега ние почнуваме практично диверзификација на тоа портфолио во некои други области“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека е охрабрен од позитивната бројка кај индустриското производство, кај преработувачката индустрија, како и намалувањето на невработеноста кое се должи на креирање на нови работни места.
„За два квартали, третиот и четвртиот лани, се креирани 10 илјади нови работни места, односно бројот на вработени за прв пат надминува 700 илјади, а бројот на невработени за прв пат е под 100 илјади, односно 97-98 илјади лица“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека е исклучително задоволен од показателите, ако сето тоа се спореди со сите држави во Европа, многу посилни од нашата, како и имајќи предвид дека станува збор за прв квартал во годината и „имајќи предвид дека јануари е таков каков што е“. Задоволството, како што нагласи, е што веќе трет квартал по ред македонската економија има раст од три или повеќе од три отсто.
„Јас реков дека ќе се движиме меѓу три и четири проценти врз основа на индикаторите кои што ги анализираме. Но, тоа не е доволно. Ако сакаме да имаме нешто поголем раст и тој да се почувствува, ние ќе мора да книжиме раст кој што ќе биде помеѓу 4 и 6 проценти на подолг рок. И тоа се стремиме како Влада да го направиме. Дали ќе успееме, времето ќе покаже. Нашата економија не зависи само од перформансите дома, туку многу зависи и од надворешните перформанси“, рече Мицкоски. (М.Ј.)