Расте револтот кај сточарите – Субвенциите за овците за 2024 година ќе се исплатат во ноември по локалните избори

Државата им должи пари на одледувачите на овци по повеќе основи, но главниот проблем е што не се исплатени по грло овца


Расте незадоволството кај одгледувачите на овци од неисплатените субвенции за овците за 2024 година. Сточарите крајно разочарани од државата прашуваат – Зошто мешате политика со сточарство?  
„Му кажавме на министерот да ги отвори границите кон Албанија и Косово, па да се куртулиме од овците и од сточарството, а и Владата да нема веќе обврски да исплаќа субвенции за овците“, велат револтирани сточари.  
 
Последната информација од Министерството за земјоделие што ја добиле одгледувачите на овци е дека субвенциите што требаше да им се доисплатат за 2024 година ќе ги земат во ноември, после завршувањето на локалните избори.  
 
Сточарот Боби Бошевски, претседател на новоформираното здружение „Современ сточар“ за „Независен“ изјави дека на последната средба со  министерот за земјоделие Цветан Трипуновски, директорот на Платежната агенција Илија Стоилев и Никола Георѓиев претседател на Сојузот на одгледувачи на овци, им било кажано дека субвенциите не ќе можат да им ги исплатат во време на предизборие, затоа одгледувачите на овци треба да се стрпат до крајот на ноември кога се очекува да бидат завршени локалните избори со сите процедури.
„Многу сме револтирани, гневни, разочарани што во пресрет на зимата кога најповеќе ни се потребни пари за да обезбедиме храна за стоката ние сите сме оставени без пари. Од устата делиме за да купиме храна за стоката. Не скршија буквално одговорите од министерот Трипуновски и директорот на Платежната агенција Стоилев дека субвенциите не можат да ги исплатат до септември. Еве јас ги прашувам јавно – што чекаа субвенциите од 2024 година да ги влечкаат и да не ги исплатат девет месеци? Што чекаат трета година по ред, што ги немаат исплатено парите за овчарите што ги вработуваме? Ако секоја година има избори дали тоа значи дека нема да можат да ги плаќаат субвенциите, или друг е проблемот? Нека кажат што политика водат со сточарството во Македонија? “, изјави сточарот Боби Бошевски, претседател на здружението „Современ сточар“ за „Независен“.
 
Сточарите побарале ублажување на состојбите ако не може решавање на проблемите.
 
„Побаравме да се укине некоја мерка, да се ублажат состојбите во сточарството, но ни кажаа отворено од министерство – Не можи, ако сакате протестирајте, ако сакате и на избори не излегувајте, нема пари“, велат разочараните сточари.  
 
Државата им должи пари на одледувачите на овци по повеќе основи, но главниот проблем е што не се исплатени по грло овца, оти тука се најголемите средства што ги добиваат како помош со субвенциите.  
Огледувачите на овци лани пред Нова година, зедоа само 600 денари по овца. Значи сега државата за 2024 им должи уште по 1.400 денари од овца на земјоделски стопанства одгледувачи на овци. Последната објава од МЗШВ е дека

во декември лани исплатени се субвенциите за овците – за мерката 2.8, Директни плаќања за обележани женски грла овци постари од 12 месеци,  во износ од 182,6 милиони денари кон 2.058 корисници.

Тоа значи дека во државата се останати  нешто повеќе од 2.000 одгледувачи на овци. По новата програма за субвенционирање годинава, за грло овца сточарите ќе треба да земат 3.000 денари. За да добијат субвенции мора 30 проценти од јагнињата да ги однесат на колење во регистриран кланичен капацитет.  


„Зошто  не ни дозволуваат слободно да ги продаваме јагнињата, туку само ни поставуваат услови во интерес на кланичарите?, велат сточари.  
 
Сточарите се жалат дека укината е субвенцијата за чување на женско јагне, јагне предадено во кланица, а зголемена е и сметката за пашарина.
 
Сточарите се жалат дека годинава имале катастрофален откуп на јагнето за само 210 денари по килограм жива мера, цена која не им ги покрива трошоците вложени за одгледување и ветеринарни услуги. За споредба, јагнето во 2023 година се откупуваше за 240 денари по кило жива мера, сега е за пола евра поевтино на откуп.  
 
Директорот на Платежната агенција Илија Стоилов летово пред медумите изјави дека ќе извршат исплата за одгледувачите на говеда и овци со цел тие навреме и по најповолна цена да обезбедат храна за добитокот додавајќи дека ефикасноста во исплатите на субвенциите во наредниот период очекуваат да се подобри. Па во еден момент вели дека менаџирањето со самите исплати значително е подобрено и дека немаат заостанати исплати, а во друг  – бараме разбирање и трпение од страна на земјоделците, нагласи тогаш Стоилев.
 
МЗШВ објави дека Стоилев и Трипуновски, ги слушнале проблемите со кои се соочуваат сточарите.
 
„На средба во Министерството за земјоделство со здруженијата на одгледувачи на овци, беше договорена динамиката за исплата на мерките што го поддржуваат секторот. На средбата, беше истакнато дека и во иднина, сточарите директно ќе бидат вклучени при изготвувањето на програмите и политиките кои директно влијаат врз нивниот сектор“, објавија од Платежната агенција по состанокот со сточарите на почетокот на септември.