Растат гласините за можен државен удар во Кремљ
Во Москва се шират гласини дека голем број поранешни генерали и функционери на КГБ се подготвуваат да го соборат рускиот претседател Владимир Путин и планираат да стават крај на војната во Украина, која во Русија се повеќе се гледа како стратешка грешка и, пред сè, економска катастрофа.
Врвот на поранешниот работодавач на Путин – руската безбедносна служба ФСБ – се вели дека е толку фрустрирана поради недостатокот на воен напредок во Украина што посегнала до голем број генерали и поранешни армиски функционери. Конкретно, групата наречена „Силовики“ – која ја сочинуваат поранешни офицери на ФСБ кои се активни во руската политика – се вели дека силно притиска за смена на Путин, заедно со поранешните офицери од ГРУ, КГБ и ФСО, други руски разузнавачки единици.
Сè поверојатно е дека идејата за државен удар дополнително ќе се зајакне со активноста на социјалните мрежи низ Русија и Источна Европа, кои нагло пораснаа во последните 24 часа. Рускиот претседател, наводно, е „многу загрижен“ и ја зајакнал безбедноста во и околу Кремљ.
„Рускиот претседател веќе неколку недели се подготвува за државен удар бидејќи се соочи со жестоки критики поради неговата специјална операција во Украина и тој исчисти околу 150 свои шпиони поради постојаните неуспеси“, оцени рускиот експерт за безбедност Андреј Солдатов. „Ова е првпат безбедносните сили да ставаат дистанца меѓу себе и претседателот, што отвора секакви можности“, додаде тој.
Минатиот месец двајца високи офицери во ФСБ беа ставени во домашен притвор од страна на Путин. Солдатов, кој раководи со добро информираната истражувачка веб-страница , објави дека Сергеј Беседа, шефот на Петтата служба – огранокот за надворешно разузнавање на ФСБ – и неговиот заменик биле приведени и ставени во домашен притвор.Овој потег се смета за јасен знак дека Путин е длабоко загрижен за улогата на ФСБ во офанзивата против Украина и тој стравува дека силите во разузнавачкиот апарат можеби работат против него.