Растат економските загуби поради климатските промени: Загрижувачки извештај од ЕУ за Македонија

Во периодот 2018-2020 година, се проценува дека поради изложеност на лош квалитет на воздухот во земјава годишно се губат околу 3.800 животи, што претставува 17,7 отсто од вкупната смртност на населението


Фото: Б. Грданоски

Северна Македонија се соочува со растечки економски загуби поради климатските промени и природните опасности, особено поплавите и шумските пожари, предупредува Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) во најновиот извештај, во кој има и дел за нашата земја.

Во извештајот на ЕЕА се посочува дека помеѓу 1990 и 2023 година, поплавите беа најчестите и најштетните природни опасности, а ненадејните поплави во 2016 година предизвикаа 22 смртни случаи и загуби од 100 милиони американски долари.

„Се очекува климатските промени да ја зголемат фреквенцијата и интензитетот на поплавите и пожарите, бидејќи променливите температури и моделите на врнежи предизвикуваат поекстремни временски услови. Ризиците од поплави во реките и урбаните средини се особено високи, а проекциите укажуваат на поинтензивни поплави и намалување на достапноста на вода за 18% до 2100 година, заедно со зголемените ризици од суша“, се вели во извештајот.

Притоа, се додава дека земјоделството е особено ранливо, при што климатската варијабилност ги зголемува ризиците од ерозија на почвата и намалени приноси на земјоделските култури, особено пченицата и пченката.

„Овие промени се закануваат на јавната безбедност, инфраструктурата и клучните сектори на економијата. Извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации од 2013 година проценува значајни економски влијанија врз побарувачката на енергија, водните ресурси за производство на електрична енергија и земјоделството. Разбирањето на овие предизвици ќе ѝ помогне на Северна Македонија да ги процени стратегиите за градење отпорност на климатските промени“, се вели во извештајот.

Од ЕЕА посочуваат дека во текот на 2005–2021 година, загадувањето на воздухот во нашата земја се намалило, главно поради намалената употреба на фосилни горива за производство на електрична енергија, гасификацијата на топланите и одредени подобрувања на греењето на домовите поддржани од владини субвенции.

Сепак, како што се додава дека земјата сè уште е изложена на концентрации на честички што ги надминуваат годишните гранични вредности на ЕУ, а особено оние на Светската здравствена организација.

„Според податоците на Европската агенција за животна средина, во периодот 2005–2022 година во Северна Македонија, бројот на предвремени смртни случаи што се припишуваат на изложеност на концентрации на честички со дијаметар од 2,5 μm или помалку (PM2,5) што ја надминуваат годишната граница на Светската здравствена организација се намалил за речиси 43% “, се додава во извештајот.

Според националните проценки, во периодот 2019–2021 година, 4.175 смртни случаи се припишуваат на изложеност на PM2,5, што е 17,0% од вкупната смртност од сите причини (за лица на возраст од 30 години или повеќе) во земјата.

„Проценетата стапка на смртност е 348,4 на 100.000 жители, што е значително повисока стапка од онаа во претходниот тригодишен период (2018–2020: 319,4 на 100 000 жители). Ова може да се објасни со високото ниво на прекумерна смртност во земјата за време на пандемијата COVID-19“, се вели во извештајот.

Според ЕЕА, производството на храна, кое е третата најважна економска активност во земјата, е тесно поврзано со еколошките и социјалните предизвици.  

„Земјоделството има е централно место во националната стратегија за модернизација на производството, задоволување на домашната побарувачка и подобрување на квалитетот на производите за извоз. Националните цели вклучуваат поттикнување на одржливата потрошувачка, промовирање здрава исхрана и подобрување на системите за преработка на храна, малопродажба и извоз. Усогласувањето со стандардите на ЕУ останува клучно за подобрување на квалитетот на храната и пристапот до европскиот пазар, со тековни реформи за справување со предизвиците при интеграцијата во ЕУ“, се вели во извештајот. 

Дополнителен предизвик за македонскиот земјоделски сектор, според Агенцијата, претставува урбанизацијата и стареењето на населението, имајќи предвид дека 58 отсто од населението живее во градовите, а земјоделството ангажира само 14 проценти од работната сила.  

„На овие предизвици се надоврзуваат климатските промени, загадувањето, деградацијата на земјиштето и губењето на биолошкиот диверзитет, наметнувајќи потреба од одржливи практики. Координацијата на политиките и институционалната соработка се од витално значење за решавање на овие системски проблеми. Користењето на енергија од обновливи извори е клучно за поддршка на напорите за намалување на еколошкиот отпечаток на земјоделството. Но, и покрај предизвиците, секторот покажа отпорност за време на економски кризи, истакнувајќи ја важноста на континуираната соработка меѓу властите, невладините организации и локалните заедници за изградба на одржлива и просперитетна иднина за земјоделството во Северна Македонија“, се оценува во извештајот. 

Според ЕЕА, анализите на експертските сценарија покажуваат дека шумарството придонесува за најголемо намалување на емисиите на стакленички гасови во секторите земјоделство и користење на земјиштето, промена на користењето на земјиштето и шумарство. Агенцијата посочува дека со спроведување на постојните мерки, овие емисии до 2040 година потенцијално би можеле да се намалат за 50,5 отсто, но за да се постигне тоа во периодот до тогаш се потребни околу 93 милиони евра инвестиции. 

„За жал, далеку сме од постигнување на целта за значително намалување на вкупното производство на отпад на национално ниво. Сепак, се развива нова стратегија и план за управување со отпадот. Затоа, постојното законодавство за отпад е императив кога станува збор за подобрување на управувањето со отпадот, се вели во документот. 

Извештајот наведува дека врз основа на анализа на податоците во периодот 2018-2020 година, се проценува дека поради изложеност на лош квалитет на воздухот во земјава годишно се губат околу 3.800 животи, што претставува 17,7 отсто од вкупната смртност на населението.  

„Светската банка процени дека економските загуби и трошоците од овие ефекти изнесуваат помеѓу 5,2 и 8,5 отсто од бруто националниот производ во 2016 година“, се потенцира во извештајот. 

Според ЕЕА, потребно е и целосно спроведување на Рамковната директива за водите, заедно со континуирано обезбедување на висок квалитет на водата за пиење, при што напорите мора да бидат насочени кон справување со предизвиците поврзани со третманот на отпадни води. 

Агенцијата оценува дека во македонската јавност се зголемуваат ставовите во корист на одржливоста, при што особено поголема свест за зелените практики се нотираат во урбаните средини и кај припадниците на помладите генерации. За разлика од ова, руралните заедници често се спротивставуваат на промените, поради економски ограничувања и традиционални начини на живот.  

Во извештајот се додава дека загриженост предизвикува и енергетската сиромаштија, која влијае на 23,85 отсто од домаќинствата што е значително над просекот во ЕУ од 7,5 проценти, а доколку не се применуваат целни политики, зелената транзиција може да резултира со продлабочување на оваа разлика. 

„Земјата ги усогласува своите економски политики со стандардите на ЕУ, воведувајќи стимулации за проекти за енергија од обновливи извори и подобрувања на енергетската ефикасност. Пресвртница беше издавањето на првата Зелена обврзница во октомври 2023 година, вредна 10 милиони евра, за зелени иницијативи“, се наведува во извештајот. 

Во документот се посочува и дека бруто додадената вредност во секторот за еколошки стоки и услуги пораснала од 0,68 отсто од нивото на БДП во 2020 година, на 1,63 проценти  во 2021 година.  

„Сепак, вработеноста во секторот (1,38 отсто) останува далеку под просекот на ЕУ (2,45 проценти), што е сигнал за неразвиен пазар. Уделот на енергија од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија беше само 17,8 отсто во 2022 година, што ја истакнува континуираната зависност од фосилни горива и потребата од посилни инвестиции во обновливи извори на енергија“, проценува ЕЕА. 

Документот нотира и дека македонската финална потрошувачка на енергија бележи раст од 1,1 отсто годишно, наместо да се намалува, па затоа се потребни значителни напори за промена на овој тренд. 

Според извештајот, поголемите компании, особено оние со меѓународни врски, усвојуваат еколошки и социјални програми, но повеќето мали и средни претпријатија немаат ресурси за иницијативи за одржливост, честопати гледајќи на нив како финансиски товар.  

„Трошоците за заштита на животната средина достигнаа највисокото ниво од 1,7 отсто од БДП во 2018 година, но голем дел од средствата се фокусираа на управување со отпадот, а не на пошироки зелени напори. Овие предизвици ја нагласуваат потребата од поголема поддршка за да им се помогне на бизнисите да придонесат кон транзицијата, се додава во документот. 

Затоа, според ЕЕА, земјата мора да работи на обезбедување на фер зелена транзиција, преку справување со социјалната нееднаквост и поддршка на ранливите групи.  

„Социјално инклузивната зелена транзиција е од витално значење за да се обезбеди дека нејзините придобивки се распределуваат подеднакво низ сите заедници, смета Агенцијата. 

Како што се наведува, овој извештај претставува најсеопфатната анализа на моменталната состојба и перспективите во областа на животната средина, климата и одржливоста, врз основа на податоци од 38 земји во Европа, меѓу кои и Северна Македонија.

Проценка е направена за секоја од трите димензии – животна средина и клима, социо-економски промени и системски промени во енергијата, мобилноста и храната, и таа е подготвена од македонски експерти од Европската мрежа за информации и набљудување на животната средина, врз основа на 20 утврдени индикатори од Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) или Евростат. Анализираниот период е од 2007 до 2023 година, посочуваат од ЕЕА.