Расположението во германската автомобилска индустрија дополнително се влоши во декември
На крајот на 2024 година, расположението во германската автомобилска индустрија уште повеќе се влоши.
Индикаторот, кој минхенскиот институт за економски истражувања Ифо го користи за мерење на расположението во индустријата, падна на -34,7 поени во декември, според сезонски прилагодените податоци, откако се формираше на -32,4 поени во ноември.
„Ова ја турна автомобилската индустрија уште подлабоко во криза“, коментира Анита Волф од Институтот Ифо.
Намалувањето на показателите е главно резултат на попесимистичките очекувања на германските производители на автомобили, додека оценката за моменталната состојба е благо подобрена. Показателот за тековната состојба се подобри за 1,5 поени на 32,3 поени, додека показателот за очекувањата за следните шест месеци се влоши за 6,2 поени на -37,1 поени, објави денеска Ифо.
Многу компании од автомобилската индустрија сметаат дека нивните нарачки се недоволни за искористување на производствениот капацитет. Не очекуваат позитивни импулси и кај странскиот бизнис, поточно показателот за извозните очекувања се намали за 1,2 поени на -20,3 поени.
Надолниот тренд во последните месеци продолжи во планирањето на персоналот. Показателот за очекувањата за вработување во декември падна за 2,8 поени на -36,7 поени. „Повеќе компании од порано размислуваат за намалување на работните места“, рече Волф.