Распишан Конкурс за доделување на државната награда „11 Октомври”

Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври”, со која се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес, го распиша конкурсот за нејзино доделување за 2021 година. Конкурсот трае од 6 до 31 август, а некомплетните иницијативи и иницијативите и предлозите (трудови, книги, публикации и сл.) доставени по утврдениот рок за прием нема да бидат разгледувани.

Државната награда „11 Октомври ” се доделува, по правило, секоја година, на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава, а под условите определени во Конкурсот може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство, од јавен интерес на Република Северна Македонија. На наградениот поединец му се доделува: диплома, плакета и паричен износ. На секој член на наградената група творци или екипа им се доделува диплома, плакета и подеднаков дел од паричниот износ. На наградената установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Паричниот износ на државната награда „11 Октомври” изнесува петнаесет (15) просечни месечни плати исплатени во последните три месеци во тековната година. Во една година може да се доделат најмногу до пет (5) награди.

Иницијатива за доделување на државната награда „11 Октомври” може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани. Подносителите на иницијатива треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и: прецизни биографски податоци, точна адреса на живеење (улица, број, место, град, држава), податоци за остварените резултати во областа во којашто е постигнато остварувањето и други податоци што се смета дека ќе придонесат во оценувањето. Подносителот на иницијативата треба да ги наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон.

Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 20 примероци, а трудови, книги, публикации и сл. се третираат како прилози и треба да се достават во еден примерок на адресата Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „11 Октомври”, ул.”Ѓуро Ѓаковиќ” бр. 61 – Скопје.