Расказот „Наредното евангелие“ на Томислав Османли објавен во новото туско списание за култура „Traktatus“


Новото туско списание за култура „Traktatus“, деновиве го објави расказот на Томислав Османли насловен „Наредното евангелие“. Расказот од македонски го преведе Мехмед Јонуз, додека како негов уредник се јавува книжевна теоретичарка и писателка Сема Ватансевер. Списанието „Traktatus” ја носи одредницата „Мисла и уметност“. Неговиот прв број се појави во декември минатата година, при што тоа се јавува во две изданија, печатено и електронско. Расказот на Османли се појавува во двете негови верзии.

Прозата на Османли е апострофирана во воведната белешка на уредникот на списанието, Хасан Орхан. Овој втор број на списанието го вклучува расказот на Томислав Османли; Песните на Cansu Köse, Sohrab Sepehri и Nurullah Genç; Есејот на Zeynep Kaçmaz, критиките на Cansu Bican и Melike Sarica; полемиката на Saribuva; Филозофијата на физиката на Ahmet Aldemir и други слични дела…“

„Наредното евангелие“ на Томислав Османли е куса проза која го проблематизира отуѓениот свет на денешницата, фокусирајќи ја пандемијата како метафизичка казна за современото човештвото одродено од автентичните етички и морални вредности што го доведува пред самиот раб на постоењето. Во видувањето на Османли, пандемијата е конечна предупреда за глобалната цилизација која ризикува да се самоукине, крајно изневереувајќи ја филантопската бит која треба да ѝ е неотстапна одлика. Според авторот, глобалната поделеност и егоизам се повод за социјалните дистанцирања во денешницата од затворања, самоизолации, осамувања, при што новата реалност се држи на истенчените конци од сочувственоста. Со зборови на горчлива иронија, авторот сочувственоста му ја припишува единствено на бога, која како таква се заканува да стане неизустена катастрофа на светот…

Расказот „Наредното евангелие“, пишуван во библиски стил и јазик, беше објавен низ повеќе книжевни медиуми во регионот, почнувајќи од прилогот ЛИК во Македонија, преку Хрватска (Književnost.hr), Србија (Sinhro.rs), Босна и Херцеговина (Astronaut.ba), до Грција (Ενεκεν).

Оваа е инаку втора објава на прозата на македонскиот писател во Турција. За прв пат, заедно со биографија на авторот, расказот „Наредното евангелие“ (“Bir sonraki İncil”) пред три години беше публикуван на е-порталот за литература и книжевна критика „Kritikbu” од Истанбул, што се појавуваше двојазично – на турски и на англиски јазик. Неодамна списанието згасна, па неговата уредничка С. Ватансевер преводот на М. Јонуз го предложи за објавување во новото книжевно списание „Traktatus” (https://www.traktatusdergi.com/2-say%C4%B1).