Расказот „Хектор” победи на конкурсот за краток расказ „Тврдоглави“


На првото издание на анонимниот конкурс за краток расказ „Тврдоглави”, наменет за млади писатели на возраст од 16 до 26 години, пристигнаа 206 раскази, а наградени се расказите „Хектор“,„Тринастега” и „Кучешки празник“, информираат попладнево организаторите на конкурсот.

Како што додаваат тие, оценките се дадени од жирито во состав на Оливера Ќорвезироска, Владимир Мартиновски и Николина Андова Шопова.

– Жирито констатираше дека најголемиот дел од пристигнатите раскази ги задоволуваат предвидените пропозиции, а десетина текстови, кои по обем се значително подолги и инклинираат кон новели и куси романи, беа исклучени од процесот на селекција. По опсежните дискусии за текстовите кои влегоа во поетесен избор, се донесе едногласна одлука и беа одбрани три наградени раскази. Првонаграден е расказот „Хектор” од шифрата „11597“, на второ место е расказот „Тринастега” од шифрата „Тринастега“, а на трето место, расказот „Кучешки празник” од шифрата „Аглаонема“. Жирито  донесе одлука да издвои и три раскази кои заслужуваат пофалба. Тоа се „Архивски назив: Тремор” од шифрата „Јупитер 8836“, „Судиска грешка” од шифрата „John Doe“ и „Улицата на багремите, бр.18” од шифрата „Табјера 18“, се наведува во соопштението.

Наградниот фонд изнесува 60.000 денари за прва награда, 20.000 денари за втора награда и 10.000 денари за трета награда.

Конкурсот „Тврдоглави” е во чест на Славко Јаневски и има за цел да ги поттикне и промовира младите писатели на македонската книжевна сцена.