Рашити и Минов го зголемија имотот, пет пратеници со нови автомобили


За период од три месеци, пратениците Сурија Рашити и Панчо Минов се потешки за 173 илјади евра, а Љубен Арнаудов и Сашо Василевски се полесни за 217 илјади евра, покажуваат најновите податоци што функционерите ги имаат доставено до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Според анализата на СКУП во рамките на проектот ПЕП, пет пратеници имаат нови возила, а четири своите стари автомобили ги замениле со нови. На имотните листи има и нови кредити, заеми и плати.
Пратеникот Панчо Минов на својот досегашен имот вреден 45.198 евра го додал „непрецизираниот имот“ вреден 23.600 евра, кој е во сопственост на неговата сопруга и се наоѓа во Кавадарци. Досегашната имотна листа вредна 21.984 евра Сурија Рашити ја надополнил со пет нови земјишта вредни 159.614 евра, со што вредноста на неговата имотна листа е зголемена за седум пати. За петте земјишта што тој ги наследил со својата сопруга не е наведена локацијата. Пријавени се: ливада, лозје, шума и плац. Џеват Адеми го пријавил имотот на своите деца, односно тие се водат како „Косопственик-содружник на ТД ИЦ ЊУ Драјвер ДОО“ кој е стекнат на друг начин, а е проценет на 5.016 евра, со што вредноста на неговиот имот се зголемува на 214 илјади евра.
Пратениците отстраниле и дел од имотот што на почетокот го имале пријавено. Сашо Василевски, со имот вреден 2 милиони евра, ја отстранил куќата од 74 квадратни метри во Охрид која е проценета на 7 илјади евра, а е од 1930 година. Љубен Арнаудов го отстранил своето земјоделско земјиште во Струга вредно 210.731 евра, со што неговиот имот се намалува на 800 илјади евра.
ПОДНОВЕНИ ВОЗНИ ПАРКОВИ
Покрај недвижен имот, се забележува дека пратениците се подновиле со автомобили, а дел од нив старите ги замениле со нови. Пратеникот Илија Николовски се подновил со автомобил „тојота јарис“ вреден 10 илјади евра, а пратеничката Славица Шуманска-Митева, со автомобил „сеат леон“ вреден околу 5 илјади евра. Другите пратеници на своите имотни листи ги дополниле автомобилите на своите брачни другари. Сопругот на Лидија Тасевска се подновил со „рено меган“ вредно 8.000 евра, сопругата на Никола Мицевски со „мицубуши колт“ од 900 евра и сопругата на пратеникот Горан Манојловски се подновила со „киа пиканто“ вредна 1.600 евра.
СТАРО ЗА НОВО
Некои од пратениците ги отстраниле своите стари автомобили и на нивно место пријавиле нови. Па така, пратеникот Александар Кирацовски својата „шкода октавија“ ја заменил со „фолксваген голф 7“ вреден 9.800 евра. Драган Данев својот „ровер 25“ од 2 илјади евра го заменил со „опел астра“ на име на неговата сопруга, вредна 6 илјади евра. Никола Попоски заедно со сопругата го замениле автомобилот „ауди А3 2007“ со БМВ Х1 вредно 40 илјади евра. Трајчо Димков го отстранил автомобилот „шевролет авео“ кој го заменил со „пасат“ вреден 2.000 евра.
Сашо Василевски од имотната листа отстранил еден од своите автомобили „мерцедес“ 2003/2013 вреден 13.000 евра, а пратеникот Џеват Адеми го отстранил својот „фолксваген голф 7“ 2013/2016.
НОВИ КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ, РЕНТИ И ПЛАТИ
Горан Манојловски ја пријавил својата кредитна картичка со 5.430 евра, додека пак пратеничката Славица Шуманска-Митева го пријавила имотот на својот сопруг. Тој зема месечна плата чија вредност не е наведена во имотниот лист на Шуманска, а поседува и удели од 2018 година, за кои таа не дала податок на кој начин се стекнати, ниту пак за каде се однесуваат. Шуманска-Митева поседува кредитна картичка без наведена сума, а во 2018 година подигнала и кредит за кој не е наведена вредноста, а истиот треба да се исплати до 2026 година. Годинава, кредит подигнала и пратеничката Лилјана Кузмановска. Кредитот е во висина од 7.154 евра и Кузмановска треба да го врати во следните 95 месеци.
Пратеникот Антонио Милошовски го додал месечниот додаток за трето дете во износ од 8.500 денари односно 138 евра. Зоран Илиоски пријавил дека со сопругата добиваат месечна рента од 200 евра. Едниот заем од 2012 година од 6.016 е намален на 2.764 евра, додека другиот заем од 400.000 денари од 2017 година е отстранет од имотната листа.

Бјанка Станковиќ и Ангела Рајчевска

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата, и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот (ите)/авторот(ите) и не ги одразуваат оние на Владата на САД.