Што чистат шведските, а што нашите ѓубреџии? Исчистени 20-тина диви депонии во Скопје


Повеќе од 30 метри кубни кабаст отпад исчисти „Комунална хигиена викендов по пет општини во Скопје, со што ја продолжи праксата од минатиот викенд. 

Овие фотографии, како што може да забележите, не се од нашиот главен град, туку од приградска населба во шведскиот град Гетеборг. Вака изгледаат контејнерите за рециклажа!

Со јасна сликичка која покажува што може да се фрли во тој контејнер. Зачудува и чистотата на контејнерите и околу нив, а не се поставени вчера.

Како успеваат тамошните ѓубреџии да го однесат отпадот, без да исфлекаат сѐ наоколу, да не им капне смрдлива течност, да не остават половина метар квадратен отпад зад себе, останува само да замислуваме?!

Во меѓувреме, денеска Општина Куманово соопшти дека поставила 10 полуподземни контејнери на неколку локации во градот, а тие пак, иако уште непоставени, многу наликуваатѕ на овие шведскиве. 

Како ќе изгледаат утре, може само да претпоставиме. 

Инаку, во текот на изминатиот викенд, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје отстранија дваесетина диви депонии лоцирани во општините Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир и Карпош, соопштија од претпријатието, па во продолжение погледнете како тоа изгледало.

Во Општината Аеродром, активностите се одвиваа на улицата „Венијамин Мачуковски“ и булеварот „Видео Смилевски-Бато“, во Општината Чаир се расчистуваа дивите депонии на улицата „Методија Митевски“, додека во Општината Центар беше отстранет непрописно
одложен отпад на улицата „Кирил и Методиј“ и во реонот на скопското Теќе.

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје во текот на викендот отстрани и неколку диви депонии лоцирани во населбите Козле и Трнодол во Општина Карпош, како и на повеќе локации на главната улица во Општината Ѓорче Петров.

Подигнати се вкупно 30 кубни метри кабаст, градежен и мешан комунален отпад одложен на јавни и сообраќајни површини.