Рамштајн го “запали” Белград


Белград изминатите два дена беше центар на младите од регионот и пошироко, со двата концерта на германската група Рамштајн, која докажа дека е еден од најмоќните изведувачи на денешницата  

Првиот од двата концерти на индустриските титани Рамштајн се одржа во петокот на Ушќе и доаѓа по повеќе од 10 години откако тие последен пат ја посетија Србија. Концертот најавуван како спектакл, целосно ги оправда очекувањата, со големи количества пиротехника, одлично озвучување и брилијантни сценски светла, а публиката (околу 60 илјади луѓе) фантастично одговори на нивната енергија.

Музичките критичари Велат дека настанот ја покажа силата и талентот на бендот и ја зацврсти репутацијата на Рамштајн како еден од најмоќните изведувачи, не само во метал жанрот, туку и воопшто.

Во продолжение погледнете фотографии со дел од атмосферата од концертот во петокот. Како што велат посетителите слична била атмосферата и вчера на вториот концерт.

Инаку, Рамштајн се познати по своите експлозивни изведби, а пиротехниката е нивниот посебен адут во шоуто. Секој настап на актуелната европска турнеја вклучува речиси 600 пиротехнички ефекти, од високи пламени јазици кои достигнуваат висина и до 20 метри и со куп други визуелни и пиротехнички ефекти. 

Како што претходно пишуваа музичките портали за концертите беа ангажирани 265 професионалци кои помогнаа да се реализираат концертите во Белград, од техничари за осветлување до инженери за звук и екипа задолжена за сцената и пиротехниката. Бината беше широка 60 метри, длабока 30 метри и висока 36 метри, а опремата ја донесоа 77 шлепери. 

Музиката на Рамштајн е спој на индустриски метал, впечатлива визуелна естетика, а за својата креативност црпат инспирација од различни мотиви, од германски фолклор до книжевни класици и историски настани. (М.Ј.)