Рампа и за невакцинираните ученици


Ниту едно дете нема да биде примено во градинка и во училиште ако е невакцинирано, дециден е министерот за здравство Венко Филипче, откако во вторникот беше усвоен предлогот на Комисијата за заразни болести да се прогласи епидемија од морбили на територија на целата држава. Мултисекторската група ги разгледувала сите важечки закони и заклучиле дека има позитивна законска регулатива и покрај една контрадикторност во Законот за основно образование – дека тоа е задолжително за секое дете. Посочи дека има многу прецизно дефинирани членови во законите за здравствена заштита и за заштита на населението од заразни болести, во правилниците за имунизација, каде што стои дека вакцинацијата е задолжителна и дека децата мора да се вакцинираат.

„Најдовме и одлуки на Уставниот суд, кој претходно одлучувал по претставки доставени од родители во 2014 година и 2015 година. Јасни се одлуките на Уставниот суд дека никој нема право да го загрозува јавното здравје ниту има право со својата волја да го загрозува правото на детето да биде здраво“, изјави Филипче.

Од Министерството за образование и наука велат дека главните препораки за епидемијата се да не се примаат невакцинирани деца во градинките, популација која во најголем број е невакцинирана, а не во училиштата.

„Уписите во прво одделение во мај и јуни ќе бидат строги за децата кои ги немаат примено вакцините според календарот за имунизација. На родителите ќе им бидат дадени насоки дека прво ќе треба да ги вакцинираат децата, па да ги запишат на училиште“, наведуваат од Министерството.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи родители се жалат дека во Куманово не можат да ги вакцинираат децата со МРП вакцина и дека овие вакцини фалат и во Кочани и Прилеп, бидејќи немало вакцини во вакциналниот пункт. Министерот Филипче тврди дека има доволно МРП вакцини.

„МРП вакцини има сосема доволно. Веќе има и нови количествата од новата набавка и тие до петок ќе бидат дистрибуирани во сите центри за јавно здравје. Имаше недостиг на одреден тип вакцини (полио), заради тоа што со постапката за набавка тој тип вакцини се замени со сосема нов тип. Стануваше збор за ревакцина, а не за редовна вакцина. Ја заменивме со нов ацелуларен тип, кој дава помалку реакции при вакцинирањето и е тренд во светот“, додаде Филипче.

Од почетокот на епидемијата во декември во 2018 година досега, над 970 граѓани заболеа од морбили, а три починаа.

Вероника Мароска-Леова