Рафаел Надал објави крај на својата тениска кариера


Легендарниот шпански тенисер Рафаел Надал и официјално објави крај на својата богата и успешна кариера.

Надал преку видео порака најави дека по Дејвис купот и настапот за Шпанија и официјално ќе се збогува од тенисот.

За нешто повеќе од еден месец 38-годишниот Шпанец и официјално заминува во пензија, по финалето на Дејвис купот со Шпанија кое ќе се одигра во Малага од 19 до 24 ноември.

По две години поминати во борба со повреди, бројни операции и низа третмани, конечно реши да стави крај на агонијата.

„Се повлекувам од професионалниот тенис. Реалноста е дека тоа беа тешки години, особено последните две. Мислам дека не можев да играм без ограничувања, што ме доведе до оваа одлука”, рече тој во видео пораката, додавајќи дека имал постигна повеќе во тенисот отколку што можеше да сонува.
Во текот на неговата прекрасна кариера, Надал освои 22 Грен слем титули, вклучувајќи 14 на Ролан Гарос. На тоа додаде четири титули на УС Опен и по две титули на Австралија Опен и Вимблдон.

Тој исто така го освои олимпиското злато во Пекинг во 2008 година и 36 титули на Мастерс. Беше дел од најголемото трио во историјата на тенисот заедно со Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ, а јасно е дека по нивното заминување „белиот“ спорт никогаш повеќе нема да биде истиот.