Радев се жали, Нинова се заканува: Бугарија навредена од споредбата со Русија

Реакцијата на премиерот Ковачевски на самитот на Советот на Европа вознемири многу политичари во Бугарија


 

Бугарскиот претседател Румен Радев во изјава за агенцијата БГНЕС вели дека „раководството на Македонија не треба да ја убеди Бугарија, туку соопствените граѓани дека гради демократско држава во која не се пука во бугарските клубови, тие не се палат, а Бугарите во оваа земја не се подложени на систематска репресија, физичко насилство и диригирани судски процеси“.

„Раководството на РСМ може да претендира дека гради модерно мултиетничко општество, кога ќе смогне сили да ги запише сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“, вели бугарскиот претседател.

За протоколот потпишан меѓу Скопје и Софија, тој не гледа напредок.

„Таму нема напредок. Затоа разговарам со европските лидери и институции дека треба да има движење според овој протокол, бидејќи таму се учебниците, таму е говорот на омраза, таму се медиумите, таму е отворањето на архивите и извинувањето за етничката репресија на Бугарите низ годините. Има и други важни работи, како што е зачувувањето на нашето културно наследство“, вели Радев.

Радев подвлекува дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјава е задолжителен услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ, а овој услов е вклучен и во преговарачката рамка на т.н. француски предлог. Според него, сеењето омраза кон Бугарите е процес кој трае со децении.

Ваквите реакции следат по изјавата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски за време на четвртиот самит на Советот на Европа во Рејкјавик, каде изјави дека „дискурсот што Бугарија го користи кон Северна Македонија за жал е многу сличен на дискурсот што го користи Руската Федерација кон Украина“.Политичката сцена во Бугарија се бранува и откако на Ангел Џамбаски не му бил дозволен влез во земјата како приватно лице, по што не допатува во Скопје ниту во својство на европратеник.

На самитот на Советот на Европа во Исланд, македонскиот премиер потенцираше дека Северна Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество каде што се почитуваат сите прав и дека сите извештаи го потврдуваат тоа, а нападите доажаат од земја што не ги почитува  пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права.

„Јас бев личноста која во 2021 година за првпат го постави прашањето за правата на Бугарите во РСМ пред сите европски институции и партнери. Овој процес траеше една година, две вета на Советот за проширување до нашите европски партнери и институциите сѐ додека не се обединат дека има проблем кој не е билатерален, туку европски, бидејќи се однесува на Копенхашките критериуми за членство“, коментира Радев на прашањето „дали чувствува одговорност што за време на неговиот мандат имало репресии врз Бугарите во РСМ“. 

На прашањето за споредбата на македонскиот премиер Ковачевски за односите Софија-Скопје, како Москва-Киев, Радев рече: „Дали во Бугарија има луѓе кои се идентификуваат како Македонци – има. Но, овие луѓе имаат целосни права на еднакви основи со сите бугарски граѓани.Тие не се прогонувани, нема монтирани судски процеси против нив, нема палење, пукање, нема тепање. Можат да работат во администрација на сите нивоа, може да се кандидираат кај нас“, вели Радев и додава: „Тие имаат целосни права, никој не ги ограничува, ниту ги прогонува. Ова е големата разлика и мора да се разбере. Додека Бугарите во РСМ се предмет на систематско малтретирање“.

Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, вели дека иницираат генерална декларација на Националното собрание (НА) за осуда на односот на Република Северна Македонија (РСМ) кон Бугарија. Причина за тоа, според неа, се „ многу неприфатливи зборови и постапки од страна на официјалните власти на Северна Македонија“. 

„Времето потврди дека ние од БСП за Бугарија бевме во право кога со нашите гласови не го поддржавме влезот на Република Северна Македонија (РСМ) во Европската Унија, но тоа не е доволно“, истакна Нинова. 

Реагираше и Георг Георгиев од името на ГЕРБ-СДС.

„Ако денес, на некој начин, некој се осмели да нѐ спореди со Руската Федерација, тогаш мораме многу сериозно да им обрнеме внимание и да издадеме предупредување, но ова предупредување мора да биде и до нас самите, бидејќи во наши раце е алатката преку која ние можеме да се справиме и да ја исправиме оваа неправда“, вели тој, па додаде: 

„Со сето срце си посакувам, еден ден да видам однос на Русија кон Украина каков што има Бугарија кон РСМ“.

Во објава на Фејсбук тој го потсетува Ковачевски на седум факти: дека Бугарија во 1992 година прва ја признала независноста на Македонија; во 1999 година двете земји склучилe Декларација за добрососедски односи; во 2017 година склучиле Договор за пријателство, добрососедство и соработка; Бугарија во 2018 година го започнала процесот на проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, со особена активност во однос на РСМ; Бугарија го отклучила процесот за склучување на т.н. Преспански договор, кој ѝ овозможил на РСМ да влезе во НАТО; И покрај бројните провокации, бугарскиот парламент покажал политичка мудрост и го укинал ветото за прием на РСМ во ЕУ.

„Тоа го направивме со верба дека нашите партнери од другата страна на западната граница ќе бидат на висина на договореното, кое беше постигнато со помош на ЕУ. Бугарија сè уште стриктно се придржува до договореното“, пишува Георгиев.

Во македонската јавност изјавата на Ковачевски прозвучи изненадувачки, со оглед дека премиерот и претставници на Владата досега возвраќаа со многу смирени тонови во оценките на изјави или потези од Бугарија, дури и тогаш кога се очекувало да бидат поостри и поенергични. Во ваквиот пресврт во тонот, домашни аналитичари препознаваат реторика соодветна за изборни подготовки.

Инаку, Бугарија е позната по редовното и конитунирано непочитувања на човековите права на помалите етнички заедници. Таа е на високото 7мо место со најголем број неспроведени пресуди на Европскиот суд за човекови права, вкупно 166 кои не се во корист на Бугарија. Тамошните македонци постојано аларамираат за етничка репресија преку ограничувања на човековите права, а досега добија 16 пресуди пред меѓународниот суд. На македонците од пиринска Македонија, постојано им се скратува правото на здружување, изучување на мајчиниот јазик и слободното изјаснување на етничката припадност. Во ретките моменти кога ќе успеат во своите намери, Бугарија институционално ги задушува македонските здруженија и организации.