Радев му ги повторил старите ставови на Вархеи

Бугарскиот претседател му рекол на евроккомесарот дека Македонија мора да работи на зачувување на вековното бугарско културно-историско наследство


 

Процесот на европска интеграција на Македонија мора да биде одржлив и да се надоврзува на нејзините достигнувања во исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ. Ова го истакнал претседателот Румен Радев на средбата во четири очи со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи, кој е во посета на Бугарија.

Прес-службата на шефот на бугарската држава соопшти дека Радев му рекол на Вархеи дека очекува резултати во билатералниот дијалог со Македонија, „вклучително и обезбедување уставни гаранции за почитување на правата на македонските Бугари и вистински дејствија за искоренување на говорот на омраза, зачувување на вековното бугарско културно-историско наследство и имплементација на билатералниот договор за пријателство, добрососедство и соработка. Бугарија е отворена за дијалог со Република Северна Македонија и со европските институции и партнери во потрагата по одржливи решенија“, рекол претседателот Румен Радев.

Претходно, на прес-конференцијата со Вархеи, бугарскиот премиер Кирил петков изјави дека Македонија треба да исполни три услови на Бугарија за да биде кренато ветото: Почитување на рамковната позиција што ја усвои бугарскиот парламент, вклучување на Бугарите во  уставот на РСМ за да се заштитат нивните права и трето, да се спроведе договорот за добрососедство.