Радев: Ќе биде грешка ако се потпише нова декларација на желби


Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека би била голема грешка ако премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев одиграат некаков театар и потпишат нова декларација на желби, како што е Договорот за добрососедство од 2017 година, без јасни критериуми и механизми за верификација, јавува БГНЕС.

Како што пренесува медиумот, Радев порачува дека Бугарија има голема желба пријателите од Република Северна Македонија да ја добијат својата европска перспектива и затоа сега треба да се почека да се смират емоциите.

„Ние мора да се вооружиме со трпеливост за отворен и смирен разговор, за јасно да можеме да ги видиме позициите на обете страни и да не паѓаме во искушение на брзи одлуки со имитација на триумф“, вели Радев.

Бугарскиот претседател смета дека неговата земја треба да се согласи Северна Македонија да ги започне преговорите откако ќе ги признае објективните историски факти и ќе биде искоренет говорот на омраза и злоупотребата на бугарскиот идентитет и суверенитет.Радев ја критикува бугарската влада дека со години давала ветувања за безусловна поддршка за Северна Македонија и поради тоа резултатот се гледа денеска.

„Резултатот го гледаме денес, владата премногу доцна се сети дека мора да го заштити националниот интерес“,вели тој.