Радев ги прекори Петков и Пендаровски – не му се допаѓа што прават

Според радев, посетата на Петков на Скопје била избрзана, а Пендаровски се среќавал со луѓе од Бугарија кои имале сепаратистички тенденции


Сериозни искричења меѓу Румен Радев и Кирил Петков

 

Изгледа дека бугарскиот претседател Румен Радев почна да се чувствува дека е оставен настрана со „новиот пристап“ на премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски за односите меѓу Софија и Скопје.

Радев денеска го прекори премиерот Петков, кој беше министер во службената влада што ја именува тој, дека направил „избрзана посета“ на Скопје. А оцени и дека Македонците од Пиринска Македонија имале „сепаратистиички тенденции“.

Пред почетокот на форумот организиран во Софија од „Економист“, Радев изјави:

„Македонските Бугари се борат за рамноправност, која е загарантирана во нивниот устав. Тие се борат за нивна целосна интеграција во јавниот живот во земјата. Тоа е радикално различно од сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги кажуваат луѓето со кои се среќава претседателот Пендаровски. Секоја избрзана акција на бугарската влада, секој позитивен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна. Посетата на бугарскиот премиер на Северна Македонија беше избрзана. Имав искрени разговори со него“, рече Радев.

Тој додаде дека е важно „бугарската дипломатија целосно да го реализира својот професионален капацитет, да не ѝ верува на надворешната експертиза, на невладините организации и да не подлегнува на надворешниот притисок“.

Можно е Радев при тоа да мисли на советникот за надворешна политика на премиерот Петков, познатата Весела Чернева. Таа е меѓународно признат експерт за надворешната политика. Чернева во моментов е заменик-директор на Европскиот совет за надворешни работи и шеф на канцеларијата во Софија. Фокусот на нејзиното истражување и делување се надворешната политика на ЕУ, како и Западен Балкан и регионот на Црното Море. Чернева беше на 2 јануари во Скопје да ја подготви посетата на премиерот Петков.

Шефот на македонската држава, Стево Пендаровски, денеска порача дека нема ништо спорно во неговата средба со преставниците на организациите на Македонците во Бугарија, дека таа не била во спротивност со Договорот за добрососедство од 2017 година, дека изјавата по неа не била спорна и рече дека ако некому му пречи самата средба, тоа не е, ниту би требало да биде негов проблем. 

Радев го предупреди Петков и за начинот на кој треба да постапи при менувањето на управните одбори на државните компании, а повод беше смената на првиот човек на „Булгаргаз“, Николај Павлов. Оваа смена ја поздрави премиерот Петков, а Радев направи паралела дека ваквите постапки личеле на она што порано ги правел Бојко Борисов и неговите влади. Павлов се смета за човек на претседателот и беше министер за енергетика во првата преодна влада на Румен Радев во  2017 година. (Н.В.)