Радев побарал од Шолц ЕУ да биде гарант за правата на Бугарите во Македонија


 

Бугарскиот претседател не му ги споменал на Олаф Шиолц таксативно трите барања што претходно го наведе премиерот Кирил Петков на прес-конференцијата со германскиот канцелар. Како што соопштува прес-службата на Румен Радев, претседателот на средбата му рекол на германскиот канцелар „односите меѓу Бугарија и Северна Македонија не се само историски спор, важно е да се почитуваат и Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, вклучително и човековите права и недискриминацијата. Тоа се неопходни услови што мора да ги исполни Македонија пред да ги започне преговорите за членство во ЕУ“.

Радев инсистирал кај Шолц Европската унија да биде гарант за почитување на правата на македонските Бугари во Македонија. „Потребни се јасни механизми и мерливи критериуми за следење на преговарачкиот процес, што ќе доведе до одржливост во исполнувањето на критериумите за членство на Северна Македонија. Бугарскиот претседател ја истакна и важноста од зачувување на бугарското културно и историско наследство во РСМ“, се наведува во соопштението.

Радев и Шолц размениле мислења и за прашањата на ЕУ, вклучително и диверзификација на снабдувањето со енергија, зајакнување на безбедноста на Европа во контекст на војната во Украина и европската перспектива на Западен Балкан.