Работните групи ја почнаа расправата за францускиот предлог
Со заклучоците кои евентуално би се усвоиле Собранието ќе ја задолжи и обврзе Владата како да се однесува во следниот период
Како што беше најавено, денеска попладне во Клубот на пратениците започна средбата на работните групи на политичките партии за разгледување на француски предлог со кој би се тргнало бугарското вето за почеток на преговори на Македонија со Европската унија.
Се очекува на средбата партиските претставници да ги изнесат своите ставови и забелешки за предлогот.
Во состав на оваа група се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пратениците Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, Елми Азири од Алијанса на Албанците и пратеникот Павле Трајанов, како претставник на ЛДП, ДОМ и ДС.
Пред почетокот на средбата Митрески рече дека ќе се разговара за заклучоци коишто би се донеле евентуално после информацијата што ќе ја достави Владата во Собранието. „Значи, не станува збор за промена на француски предлог којшто моментално е и европски предлог затоа што тој е предлог на маса, туку зборуваме за тоа какви заклучоци ќе донесеме како Собрание за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период“, рече тој.
Според него, станува збор за сериозен процес во државата, и очекува одговорност од сите политички партии и пратенички групи, затоа што се работи за иднината на државата и за иднината на нашите граѓани.
„Во тој контекст ние ќе дадеме наши предлог заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашата стратешка определба за европскиот пат, односно членство во ЕУ со исклучување на билатералните историски прашања и секако ќе дадеме предлози или заклучоци коишто ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични, културни посебности на македонскиот народ“, рече Митрески.
Прашан дали веќе има заеднички став во ВМРО-ДПМНЕ, Митрески, рече дека нивните предлог-заклучоци ќе ги разгледуваат денеска.
„Сигурно ќе има нивни предлози, ќе разговараме и за тие предлози што може да бидат усвоени како заклучоци на седницата која што ќе се одржи во Собранието“, изјави Митрески.
Тој повтори дека билатералните прашања се исклучени од преговарачката рамка, меѓутоа, во јавноста се создава или се отвора таа дилема.
„Затоа како Собрание уште еднаш ќе потврдиме дека билатералните прашања ќе бидат исклучени од рамката и ќе ја задолжиме Владата, затоа што овие заклучоци се обврзувачки за Владата да се исклучат билатералните прашања од аспект на историјата и образованието“, рече Митрески.
Прашан за тоа кога е можна седница во Собранието, Митрески рече дека за тоа одлучува претседателот на Собранието.