Работници од Западен Балкан ќе можат да доаѓаат во Германија, но најмногу 25.000 годишно


Германското правило за работници од Западен Балкан треба да остане во сила до 2023 година – граѓаните на Северна Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Црна Гора и Косово и понатаму ќе можат да доаѓаат во Германија, без разлика на стручната подготовка.

– Олеснувањата кога станува збор за правилата за доаѓање во Германија за граѓаните од Западен Балкан се продолжени, пишува весникот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (ФАЗ).

Во предлог законот, во кој весникот имал увид, е наведено дека работната сила од Западен Балкан и во следните три години треба да има олеснителен пристап до германскиот пазар на трудот.

По долги преговори во владејачката коалиција, германскиот министер за труд Хубертус Хајл предложи закон со кој тоа е регулирано и им го испрати на гласање на останатите министри. Всушност е предвидено т.н. Правило за Западен Балкан од 2016 година, чија важност истекува во декември оваа година, да биде продолжено до 2023 година. Меѓутоа во предлогот е наведена нова максимална граница, а тоа е годишно во земјата да можат да влезат најмногу 25.000 работници од тој регион.