Работилница на ФИНКИ „Дигитални јазични ресурси за македонскиот јазик“
Работилница „Дигитални јазични ресурси за македонскиот јазик“ денеска ќе се одржи на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) по повод Денот на македонскиот јазик.
-Работилницата ќе ни овозможи заеднички да ги истражиме постојните дигитални ресурси и алатки за македонскиот јазик, да ги препознаеме празнините и да поразговараме за можностите за нивно пополнување. Особено ни е важно да ги зближиме оние кои создаваат јазични содржини со оние кои ги користат – зашто само во таа размена може да се роди вистинска промена, соопшти организаторот.
Настанот ќе се одржи во малиот амфитеатар на ФИНКИ, со поздравно обраќање на деканот на Факултетот, Петре Ламески, и координаторката на работната група за изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик, проф. д-р Симона Груевска-Маџоска, со излагање „Македонскиот јазик и новите технологии“.
Проф. д-р Димитар Трајанов, раководител на „Везилка“, ќе се осврне на инфраструктурата за развој на големи јазични модели за македонскиот јазик, а доц. д-р Николче Мицкоски, член на работната група за изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик, ќе говори за јазичните ресурси за корпус на македонскиот јазик.