Путин се закани со контроверзното оружје по потегот на САД, најави и контраофанзива во Украина


Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата армија има „добра резерва“ на касетна муниција, заканувајќи се дека ќе ја употреби на линијата на фронтот против Украина, доколку Киев ги употреби.

Вашингтон најави претстојна испорака во Украина на овој тип муниција, чија употреба е контроверзна бидејќи може да предизвика колатерални цивилни жртви.

„Русија има добра резерва на касетна муниција од различни видови“, рече Владимир Путин во интервју за телевизиската станица „Россија-1“, објавено во неделата. „Досега не сме го користеле, не ни моравме, иако во еден момент имавме недостиг од муниција, што е познато“, нагласи рускиот претседател.

„Но, ако се користи против нас, го задржуваме правото да возвратиме“, додаде тој.

Во вторникот, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу веќе истакна дека „ако Соединетите Држави ја снабдат Украина со касетна муниција, руските вооружени сили ќе бидат принудени да користат слични средства за уништување“.

Од почетокот на војната, украинските војници ги обвинуваат руските сили за употреба на контроверзната муниција.

Според Путин, Вашингтон најавил дека ќе го достави ова оружје на Киев бидејќи има недостиг од муниција што би можел да и ја понуди на Украина.

„Украинската армија користи од 5.000 до 6.000 гранати од 155 милиметри дневно. САД произведуваат 15.000 од нив месечно, така што немаат доволно, а ниту Европа. Тие немаат ништо подобро да понудат од касетна муниција“, рече Путин.

Овој тип на муниција е забранет во многу земји, особено во Европа, потписнички на Конвенцијата од Осло од 2008 година, на која не се приклучија ниту САД, ниту Русија, ниту Украина.

Путин оцени дека украинската контраофанзива започната во јуни не донесе значителни резултати поради отпорот на руските сили на истокот и југот на Украина.

„Сите обиди на непријателот да ја пробие нашата одбрана (…), особено со користење на стратешки резерви, не успеаја во текот на целиот период на офанзивата. Непријателот не постигна успех“, рече Путин.

Говорејќи во интервју за телевизискиот канал Росија-1, емитувано во неделата, тој рече дека ситуацијата е „позитивна“ за руските сили на линијата на фронтот.

„Нашите војници се однесуваат херојски. Неочекувано за непријателот, тие дури и одат во офанзива во одредени сектори и заземаат поповолни позиции“, додаде рускиот лидер.

Во петокот, шефот на украинската претседателска администрација, Андриј Јермак, призна дека контраофанзивата на Киев не напредува „толку брзо“.

Водена од јуни со поддршка на тешкото вооружување доставено од Запад, контраофанзивата бележи бавен напредок против руските трупи кои имаа време да подигнат цврста одбрана, особено да поставуваат мински полиња, и сè уште имаат значителна огнена моќ.

Во неделата, украинскиот Генералштаб објави дека продолжуваат офанзивните операции во правец на Мелитопол и Бердјанск, два града окупирани од Русија во јужна Украина.

Претходно оваа недела рускиот министер за одбрана изјави дека руските сили успеале да навлезат 1,5 километри длабоко на линијата на фронтот кај Лиман, во областа Донецк во источна Украина.