Путин: Русија е прва по БДП во Европа


Русија е број еден во Европа по бруто домашен производ, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Русија е веќе четврта во светот по бруто домашен производ. И е прва во Европа. Ова се многу значајни индикатори“, рече тој на пленарната сесија на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

Путин, исто така, изјави дека предминатата година растот на рускиот БДП бил 4,1 процент, минатата година 4,3, додека глобалниот раст бил 3,3, а „многу западни земји имаат многу пониски бројки“.

„Сепак, она што е поважно е што самата структура на руската економија се менува“, додаде тој.

Колку се точни тврдењата на Путин?

Тврдењата на Путин за економската сила на Русија, сепак, бараат дополнителен контекст. Според податоците од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Русија е навистина на четвртото место во светот по бруто домашен производ ако се користи методологијата на паритет на куповна моќ, а според истата мерка, таа моментално е најголемата економија во Европа.

Сепак, ако се погледне номиналниот БДП, што е стандарден метод за споредба во меѓународната статистика, Русија е значително пониско на скалата и зад водечките европски економии како што се Германија, Франција и Обединетото Кралство.

Путин истакна дека Русија имала економски раст од 4,1 процент во 2023 година и 4,3 проценти во 2024 година, што е над глобалниот просек, кој според ММФ се проценува на околу 3,3 проценти. Иако овие бројки се приближно точни, независните анализи покажуваат дека голем дел од овој раст е поттикнат од владини субвенции, воени трошоци и приходи од извоз на суровини, особено енергија, а не од реалниот развој на производствениот сектор.

Што се однесува до тврдењето на Путин дека „структурата на руската економија се менува“, аналитичарите предупредуваат дека оваа промена оди во насока на зголемување на зависноста од воената индустрија и извозот на енергија, а не кон диверзифицирана и иновативна економија. Ројтерс, според тоа, наведува дека руската економија би можела да има сериозни тешкотии доколку има мир во Украина, бидејќи сегашниот раст е во голема мера поврзан со воената економија.