Путин нема да запре кај Украина, предупредува Ходорковски

Путин не е чист прагматичар и неговите следни потези ќе бидат обоени со емоции, предупреди денеска на прес-конференција Михаил Ходорковски, протеран руски олигарх и критичар на Кремљ.
Една од тие емоции ќе биде да се казни НАТО и за тоа Путин треба да оди подалеку од Украина, предупреди тој.
На рускиот претседател сигурно му биле претставени голем број опции од неговите генерали. Најверојатно врвот на листата ќе биде преземањето на контролата врз коридорот Сувалки, кој на Москва ќе ѝ даде копнен мост до руската ексклава Калининград на балтичкиот брег, рече тој.
Но, менито на Путин веројатно вклучува и замена на владите на трите балтички земји – Литванија, Латвија и Естонија – со марионетски лидери, рече Ходорковски. „Дали е ова можно, не знам“, додаде тој.
Единствениот пат на Русија кон демократијата е револуција – или од горе надолу или од долу нагоре, додаде тој. Иако Путин „доволно ја контролира својата придружба“, тој „се сомнева во сопствената контрола“ и „се наоѓа во балон на дезинформации“, рече Ходорковски. „Тоа дефинитивно ќе биде некаква револуција, бидејќи не постои можност за промена на режимот преку избори, демократски процеси“, додаде тој.
Борејќи се да ги задржи солзите, Ходорковски рече дека санкциите одобрени од САД, ЕУ и нивните сојузници ќе имаат влијание „за околу три години“ од сега.
Ако Западот имаше подобри лидери, Украина ќе добиеше поддршка од доброволци и Путин „немаше да се чувствува толку сигурен и безбеден“, рече тој на прес-конференција.
„Но, нема такви лидери на Запад“, рече тој, предупредувајќи дека Украина се соочува со „многу тешка, тешка, долготрајна и крвава окупација“.