Путин наводно бил бесен што војната уште трае, објави естонски европратеник

Рускиот претседател наводно се сретнал со олигарсите на Урал за да биде сигурен дека тие нема да избегаат од земјата


Руски специјални единици за време на маневрите во Белорусија

 

Естонскиот политичар и пратеник во Европскиот парламент Рихо Терас, кој беше командант на естонските одбранбени сили од 2011 до 2018 година, на Твитер објави дека рускиот претседател Владимир Путин е во неволја бидејќи неговиот напад врз Украина не напредувал толку брзо како што мислел дека ќе напредува.

„Украински припадник на тајната служба ме информираше за средба во дувлото на Путин на Урал. Таму се состанаа олигарсите за никој од нив да не избега од Русија. Путин е бесен, мислеше дека целата војна ќе биде лесна и дека се ќе заврши за еден до четири дена“, ја почнува својата објава Терас, која објави и факсимил од документот што тој тврди дека го добил.

„Русите немаа тактички план. Војната ги чини околу 20 милијарди долари дневно. Имаат ракети уште три до четири дена, ги користат штедливо. Им недостига оружје, фабриките не можат физички да исполнат толку многу нарачки за производство на оружје. Пушките и муницијата се најмногу што можат“, продолжува тој.

„Ако Украина успее 10 дена успешно да им се спротивстави на Русите, тогаш Русите ќе мора да одат на преговори. Затоа што немаат пари, оружје или ресурси. Сепак, тие се рамнодушни кон санкциите“, продолжува европратеникот од Европската народна партија.

„Руските сили за специјални операции се во близина на Киев од 18 февруари. Целта беше да се окупира Киев и да се воспостави марионетски режим. Подготвија провокации против невини цивили, жени и деца, за да посеат паника. Тоа е нивниот адут“, продолжува Терас.

„Целиот руски план се заснова на ширење паника – цивилите и вооружените сили да се предадат, а Зеленски да избега. Очекуваат Харков прво да се предаде за да го следат неговиот пример и другите градови и на тој начин да избегнат крвопролевање. Русите се шокирани од жестокиот отпор на кој наишле“, пишува естонскиот политичар.