Путин ќе ја признае независноста на окупираните територии во Украина


Владимир Путин го слуша рапортирањето на министерот за одбрана Сергеј Шојгу (Фото: Спутник)

Одлуката за признавање на независноста на Народните републики Доњецк и Луганск (ДПР и ЛПР) ќе биде донесена в понеделник, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин, пренесе ДПА.

Путин ова го изјави по состанокот на Советот за национална безбедност, што во живо беше пренесуван на државната телевизија.

Сите учесници на состанокот, вклучувајќи ги и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, се изјаснија за признавање на регионите.

Рускиот премиер Михаил Мишустин изјави дека владата веќе неколку месеци се подготвува за последиците од конечното признавање на ДПР и ЛПР.

-Мислам, пред сè, на отежнување на увозот и на анализата на сите ризици со кои може да се соочиме доколку се донесе таквата одлука, рече Мишустин за време на состанокот на Советот за безбедност.

Премиерот го поддржа предлогот да се признае независноста на ДПР и ЛПР, доколку нема напредок во преговорите.

Лидерите на двете самопрогласени републики денеска испратија писмо до рускиот претседател Владимир Путин во кое бараат Русија да ја признае нивната независност. 

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на денешниот состанок на Советот на ЕУ изјави дека одговорноста за страдањата на луѓето во Донбас е на руското раководство.

-Оваа игра на руската Влада со цивилното население, со луѓето на окупираните територии од двете страни на линијата на контакт, е неодговорна. Го повикувам руското раководство, претседателот на Русија – не си играјте со животите на луѓето, повика таа.

Бербок истакна дека луѓето во Украина, како и во цела Европа, имаат право на мирен живот. Таа изрази загриженост за прекршувањето на примирјето во последните денови.

-Не се само гранатирањата. Животите на луѓето се под сериозна закана бидејќи на различни места се исклучени водата и струјата. За тоа е одговорна руската Влада, додаде министерката.

Според Бербок, Европа јасно гледа што навистина се случува во Украина и Русија, какви провокации има и какви лажни вести се шират.

-Нема да дозволиме да бидеме измамени, рече таа.

Таа ја поздрави француската иницијатива да биде домаќин на средбата меѓу американскиот и рускиот претседател Џо Бајден и Владимир Путин.

-Ја повикувам руската Влада да се врати на преговарачката маса. Тоа е во вашите раце. Ве чекаме на оваа маса секоја минута, секој час, да работиме заедно за мирот и безбедноста во Украина, изјави шефицата на германската дипломатија. 

И германскиот канцелар Олаф Шолц го предупреди рускиот претседател Владимир Путин да не ги признае самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск како независни држави, јави ДПА.

Ваквиот чекор би бил во целосна спротивност со мировниот план од Минск, потпишан во 2015 година, изјави денеска портпаролот на Шолц.

-Признавањето на двата региона би претставувало еднострано прекршување на договорот од Минск, нагласи Шолц во денешниот телефонски разговор со Путин, рече портпаролот на германскиот канцелар.