Пуштен во употреба новиот мост, каде требаше да има панорамско тркало


Фото: Б. Грданоски

Од денеска, прооден е пешачкиот мост на реката Вардар кој се изгради без панорамско тркало, предвидено со проектот Скопје 2014.

Со пренамената на тркалото и изградба на модерен пешачки мост граѓаните заштедија 10 милиони евра, уверува градоначалникот Петре Шилегов.

„Овој мост е симбол на битката со проектот Скопје 2014 и драго ми е што конечно граѓаните може да го користат како јавен простор. Направивме модерен мост наместо најрасипничкиот проект на ВМРО-ДПМНЕ – панорамското тркало. Со стопирање на овој проект заштедивме 10 милиони евра пари на граѓаните и ги пренаменивме за други корисни проекти. Овој мост е победа на одговорното управување со вашите пари наспроти злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ“, порача градоначалникот Шилегов.

Фото: Б. Грданоски

Тој вели дека овој мост е победа на модерно Скопје наспроти лажното барокно минато и проектот Скопје 2014. Мостот ќе биде дел големата пешачка зона во центарот на градот која ќе биде готова до 2024 година.

„И кога некој ќе каже дека сите се исти, јас со гордост и сигурност можам да кажам дека не сме. За мене вие граѓаните сте важни и вашите приоритети, затоа ќе продолжиме заедно да градиме модерно Скопје. Она што особено ме радува, е дека овој мост ќе биде дел големата пешачка зона во центарот на градот која ќе биде готова до 2024 година. Со тоа, тој ќе стане прекрасно шеталиште кое ги спојува двете страни на градот“, вели градоначалникот Шилегов.

Инаку, панорамското тркало требаше да биде поставено на просторот меѓу „Телеком“ и новиот мост на реката Вардар, меѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“.

Барокното панорамско тркало бешее еден од најконтроверзните потфати во проектот „Скопје 2014“. Неговата изградба беше овозможена со промената на Деталниот урбанистички план на Општина Центар во 2010 година.