Прво изложба на фотографии, па концерти: Влатко Стефановски го почна славеничкиот јубилеј
Со изложбата насловена „The Vlatko Stefanovski Experience“, која се состои од концертни фотографии и архивски материјали, синоќа, во галерискиот простор на Мала станица, беше означен почетокот на јубилејното, десетто издание на фестивалот Скопје Синема Сити.
Стефановски синоќа од Скопје Синема сити доби плакета, по повод неговиот јубилеј. Според него 50 години е многу долг период, во кој доживеал разни искушенија, турбуленции , но и задоволство, без кое не би бил тоа што е.
-Настапите се само шлаг на тортата. Има многу патувања во целата приказна. Многу патувања. Севишниот до сега ме сочувал. Затоа што имало големи искушенија, невремиња, турбуленции. Имало сѐ и сешто . Се разбира да не е тоа задоволство не би се упатиле на пат. Занимавањето со музика е еден благослов и една награда, кажа Стефановски.
Изложбата која ќе биде отворена до 5 јули, ја отвори фотографот Драги Неделчевски, кој го сподели искуството од првата средба со Стефановски, 1977 година, во домот на негов братучед, каде слушале плочи кои Влатко ги донел од Лондон.
-Плочава свири од Алан Холдсфорт. Секоја такт, секоја нота Влатко ја свиреше во воздух. И ни објаснуваше нам, а најмногу на Бодан -сега пази овде, сега пази овде, сега пази овде. Велам, што човек ќе беше . И тоа за мене беше едно прекрасно искуство и прва средба со Влатко Стефановски, кажа фотографот Неделчевски.
Педесет години кариера тој ќе прослави со серија концерти во Македонија и во поранешна Југославија. Првиот е во Охрид, во Антички театар на 26 јули. На 14 декември Стефановски ќе има концерт во салата „Јане Сандански“ во Скопје, на 16 декември во Белград, а на 18 декември во Загреб.
Јубилејното издание на „ Скопје синема сити“ ќе се одржи од 1 до 4 јули. Земја во фокусот е Полска, од каде ќе дојде режисерот Грегор Брзозович, чии два филма ќе бидат прикажани . Фестивалот ќе ја додели наградата за животно дело на композиторот на филмска музика Збигњев Праиснер, познат по соработката со Кшиштоф Кишловски на трилогијата „ Три бои“.
„ Скопје синема сити “ почнува на 1 јули во Кинотеката на Македонија , со филмот „ Карлос“, посветен на гитарската легенда Карлос Сантана. Веќе следниот ден можеме да ги погледнеме филмовите за џез трубачот Чет Бејкер- „ Ајде да се изгубиме“ и филмот „ Иднината е ненапишана: Џо Стромер “. Последниот ден ќе биде резервиран за два филма од македонски автори, кажа Ана Василевска од „ Скопје синема сити“.
Фото: ФБ на Ненад Георгиевски